Значи, ако Прибе не е достоен за (каков и да е) член на ману (малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), зошто тогаш неговите заклучоци за Македонија како заробена држава би биле валидни за нас? Некој треба да одговори, нели, Фити или Камбовски, или кој и да е друг од поданиците? И дали тогаш Македонија, всушност, и не е/не била – заробена држава? Ако, пак, не била – што била? Слободен и демократски режим? И што беше тоа што ни се случуваше цели дванаесет години? Додуша – не на сите, на поданиците ништо не им фалеше, ама сепак?!
Ќе одговорат ли оние двајца, или некој друг од нивната „партија“? А пак мојата конструкција наречена самозаробена држава веројатно нема никакви шанси да преживее ниту ден, нели? Е да, кога навистина би било така или кога светот или, не дај боже, Македонија би се вртела според нивните параметри. Сепак, ако за еден – ај да не кажам каков – (растителен) претседател на држава може да се побара, и можеби ќе се побара, конзилијарно психијатриско вештачење за утврдување на неговата пресметливост и работоспособност, зошто тоа не може да се направи за една – велат врвна (sic!) – институција? Толку ли тоа би било проблем или резил за државата? Та нели е поголем резил да се вештачи, психијатриски, претседателот на државата, ама не и овие другиве? Ако сме спремни за тоа, а сме, дефинитивно, зошто тоа не би го прошириле и на оние метузалеми? Па растението е сепак помладо од нив, иако и позелено, нели?!
Ќе се извини ли некој?
Но, заробена или самозаробена, ситуацијата во Македонија, вчера но и денес, говори самата за себе. Можеби спомнатине двајца од ману (и повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), или некој од многубројните поданици од нивната институција, конечно, ќе ни понуди нивно видување за сè што ѝ се случуваше на државава во изминатата деценија и нештата ќе ни станат појасни? Иако се сомневам, искрено, зашто од нив, барем досега, сме добиле само сметки за исплата, но не и резултати. За ништо! Такви саможивници оваа држава нема доживеано!!
Нејсе, но можеби треба да се биде упорен? Да ги потсетуваме почесто? Зашто, само како пример, еден мал, но значаен и прилично, прилично скап сегмент од самозаробената држава беше оној таканаречен капитален издавачки проект што го водеше токму нивни член, оној партиски октроиран и особено национално запенавен библиотекар – академик, кој буквално, и повторно – буквално, фрли во ветер, или во мемливи подруми, милиони евра за „изданија“ што скапуваат во тие подземни лавиринти изградени од мафијата што ја зароби државата.
Со негова помош, се разбира, и со помошта на неговите колеги – и мануковци и писатели – кои до денес не најдоа за потребно да им се извинат на државата и на народот за тоа, но и за сите други злосторства што им ги направија. И сега, дали оние двајцана, или некој од Претседателството на ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), можеби, или пак некој смел од Одделението за уметност при истата „институција“ ќе посака да каже збор-два во форма на извинување во негово/нивно име? Или ќе кажуваат дека не биле запознаени со неговите „активности“? Сигурни ли се дека баш не знаеле што правел библиотекарот и колку државни пари потрошил за будалштините на неговиот партиски шеф? Навистина ли мануковците не читаат весници, не гледаат телевизија… каде на долго и на широко се воспеваа овие „успеси“ на злосторничкото здружение и каде, особено, со часови, во разноразни „културни“ емисии се пенавеше библиотекарот? И не ли им е срам денес, кога новинарите шетаат по скопските подруми и ги сликаат нивните (зло)дела?
Велам нивните зашто, извинете, ама никако не ги одвојам библиотекарот и неговите колеги мануковци. Не дека не сакам, ама – не можам, нелогично е дека само тој е виновен. Или пак неговите колеги писатели, особено оние од т.н. ДПМ, меѓу кои бројни беа токму едно чудо познати и демек признати македонски писатели, па дури и (само)кандидати за мануковци, кои седеа во одборите, избираа наслови, бираа преведувачи и слично. Ги избраа ли и подрумите каде што ќе скапуваат нивните изданија дебело платени со државни пари? Или сега сите се прават на удрени? Ама кога ги инкасираа хонорарите за злосторствата знаеја за што беа плаќани? Почнувајќи од оној митоманон па надаље?
Самозаробена МАНУ
И сега, некому му треба подобар пример за самозаробена држава? Ок, ајде нека се јави па да се објасниме. Зашто, ако цело едно Друштво на писателите на Македонија, сосе една ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата), но и со едно чудо други божем компетентни поединци и институции – вклучувајќи тука и соодветни институти, на пример, па катедри за македонски јазик и книжевност и слични „научни“ инстанци – знаеја што и како се случува и сепак молчеа за злосторот, кого ќе обвиниме? Надворешниот непријател, оној кој (божем) нè зароби, или овие кои не/се самозаробија?
И сега, ако ова му се става како грев на Прибе односно фактот дека тој не ја увиде оваа финеса во нашето (само)заробување, па заради тоа онаа ману (повторно: малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата) не сака да го прими во нејзин состав, тогаш тоа е разбирливо. И прифатливо, ако е навистина така. Па тие луѓе целиот живот го посветиле на вистината, а се нашол некој од Германија да им држи предавање дека биле – заробени.
Или г. Прибе беше само културен кон нас и не сакаше да ни ја плесне вистината за нашето самозаробување в лице? А и што, всушност, нему би му значело некакво членство во некаква самозаробена ману?!
Извор: За Уметноста