Во пресрет на одржувањето на Самитот на министрите за економија, кој ќе се одржи на 5 јули 2018 година во Виена, Австрија, како дел од „Берлинскиот процес“ и Самитот во Лондон следната недела, Коморскиот инвестициски форум ги сумираше заклучоците од постигнатите резултати една година по усвојувањето на Повеќегодишниот акциски план за спроведување на Регионалната економска област, и отворањето на Секретаријатот на Коморскиот инвестициски форум во Трст.
Создавањето на целосно функционална Регионална економска област е најважната цел на „Берлинскиот процес“ и цел чие остварување бизнис заедницата од регионот, претставена од Коморскиот инвестициски форум, со нетрпение го чека, со оглед на тоа дека таа би го направила регионот поконкурентен на глобалната инвестициска мапа и би го овозможила потребниот економски раст, а со тоа ќе донесе стабилност и развој.
Оваа цел е поткрепена и со минатогодишната студија на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, која покажува дека доколку мерките за регионална интеграција бидат спроведени, растот во регионот во периодот 2018 – 2022 година би бил повисок од 4 отсто годишно, што ќе резултира со 15-17 милијарди САД долари повеќе во номиналниот БДП, регионално, со тенденција за понатамошен раст дури и по 2022 година.
Од Стопанската комора на Македонија, која е еден од основачите на Коморскиот инвестициски форум, посочуваат дека се поздравува напредокот што до сега беше постигнат во имплементацијата на Повеќегодишниот акциски план за спроведување на Регионалната економска област, особено назначувањето на координатори за регионална економска соработка во рамките на кабинетите на премиерите, напредокот постигнат во насока на усвојување и спроведување на сите протоколи на ЦЕФТА, напредокот постигнат во овозможувањето воведување електронски документи со цел да се намали времето на чекање на камионите во регионот, напредокот постигнат со признавањето на квалификациите во рамките на регионот. Сепак, посочуваат дека, претставувајќи ја бизнис заедницата во регионот, потребен е реален напредок во регионалната економска интеграција, која ќе донесе видливи придобивки за бизнисите
– Свесни сме дека е потребно време за да се почувствуваат резултатите од инфраструктурниот развој, промената на регулаторната рамка, зацврстувањето на владеењето на правото, градењето доверба и на функционални односи меѓу владините институции. Сепак, за да може процесот на регионална економска интеграција целосно да се спроведува, владите во регионот треба активно да учествуваат во планирањето и спроведувањето на агендата за регионална соработка, при што ќе ги земат предвид моменталните фази на усогласување со регулативата на ЕУ и нејзината имплементација, сè уште кревките политички односи во регионот и различните нивоа на економски развој – посочува Бранко Азески, заменик-претседател на Коморскиот инвестициски Форум и претседател на Стопанската комора на Македонија.
Агендата за регионална соработка треба да биде резултат на заемно признаени интереси на сите регионални засегнати страни, при што ќе се адресираат развојните приоритети на секое стопанство и ќе се стават во контекст на регионален развој со цел да се создаде економска област што ќе биде конкурентна на глобално ниво.
Формулирани се конкретни препораки, како придонес на бизнис заедницата од регионот за поефикасна имплементација на проектите кои се од важност за економскиот просперитет на регионот, кои од страна на Коморскиот инвестициски форум ќе бидат претставени на состанокот што ќе се одржи во четврток (5 јули 2018 година).