Стојанче Ангелов, претседател во оставка на политичката партија Достоинство, најави дека ќе ја напушти работата во Министерството за внатрешни работи (МВР) и дека ќе ја воскресне партијата, која е коалициски партнер во владата.
„Чувствувам обврска за мое политичко реактивирање. Бидејќи Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на Достоинство одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман“, наведува тој во неговото соопштение, во кое му се заблагодари на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба.
Ангелов најавува и Конгрес на Достоинство наесен за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата.
„Во следните неколку месеци Достоинство ќе изврши и ажурирање на своето членство. Сите издадени членски книшки престануваат да важат. Секој досегашен член кој е согласен со програмата и политиките на Достоинство може да го продолжи своето членство со пополнување нова пристапница после што ќе добие нова членска книшка на политичката партија Достоинство. Лица кои сакаат да се зачленат во Достоинство можат да стапат во контакт со раководствата на локалните ограноци на партијата“, наведува Ангелов.
Тој ги повика сите македонски бранители од 2001-та кои имаат проблеми од која било област во надлежност на било кој државен орган, да остварат контакт со претставници на локалните или централното раководство на Достоинство.