Никогаш не проникнав во законитостите на економската наука. Поспецијално – во пазарната логика. Сѐ се сведувало на едноставната вистина – проста математичка операција – имаш, немаш. Позајмуваш, враќаш, даваш, и пак земаш.
Симултано кредитирање на сиромаштијата. Перманентно гладијаторство со немаштијата.
Велат, тоа е клетва од наречниците – трчање по леб, крпење на семејните буџетски дупки и традиционално скинатиот џеб.
Меѓутоа, и неволјите, како и проблесоците, имаат свој почеток и крај.
Од денес, работиве тргнаа на добро. На нашиот рахитичен социјален статус му е вбризган безмалку воскреснувачки серум. Доби нова финансиска живототворна инфузија. Потег за голема промена. За веселење. Што би рекол нашиот поет, Коста Рацин „Силно светнал ден“.
А зошто да не?
Цената на струјата ни поевтинува за цели НУЛА ЕДЕН ПРОЦЕНТ.
Во ова мое портмоне, преполно со должнички сметки, сега има проблем како во неговата парталавост, да најдам слободен простор за да го сместам оној процентен денар, галантен дар од ЕВН, од Регулаторната комисија и секако од грижните владини чеда.
И од ваше име, дозволете, за нивната милозливост, за приказното благородничко поведение, за нивното душегрижие, за ова наше ново финансиско премрежие, да им испратам благодарница. На тие јуначки гради да им закачиме големо народно одличие, вредно НУЛА, НУЛА ЕДЕН ПРОЦЕНТ.
Сега можеме да олабавиме – во ноќите светлата да ни горат подолго за НУЛА, НУЛА ЕДЕН ПРОЦЕТ. А финансискиот мрак ќе ни тлее – по старо!
Додека како инфузија не ни се дотркала некоја нова трула социјална НУЛА.