Народе, што се случува во нашава држава! Да не ти се верува. Со едната нога сме во НАТО, а со другата вратата ни се отвори за во ЕУ. Конечно и Македонија ја огреа сонце. Но, за жал на некого тоа не му се допаѓа. Ете ти кавги.
Караниците меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по овие вести, се распламтуваат. А другите сеир си гледаат додека Македонците очите си ги вадат. И кришум ни се смеат. Плукаат едни на други. Едните во Брисел молат Македонија да биде примена во НАТО и во ЕУ, а другите го повикуваат народот на улица. Обвинуваат зошто тие не се во Брисел!?
Зошто другите не го прашале народот и зошто го продале името и наместо Република Македонија сега да се вика Република Северна Македонија. Ѓаволот ни ора ни копа. Зло надвиснало над Македонија. Македонец на Македонец крева рака. Вардарци, Егејци, Пиринци. До кога ќе бидете проколнати и до кога ќе се делите!? Зошто едните да бидат над другите, а другите над третите. Секој сака прв да биде. А не може!
Челниците на партиите се „најумни“! Тоа се „најумните“, но само кога се на власт. Кога се први. Тогаш сѐ е нивно. Гласот на народот не го слушаат. Го подбуцнуваат народот и му велат дека освен нив, никого друг не признаваат. Сега, кога едните ја изгубија власта, не бираат начин како да се вратат повторно на тронот. Маваат со дрва и камења по другите. Сега им треба и народот. Се сетија на него. Но, старите навики не го забораваат. Татко, брат па и син да им е, не може да го реши проблемот на државата, без нив. А не сакаат да седнат заедно и да се договорат. Секојдневно гласно велат и го „здивуваат“ народот.
Велат „Не можат да го сменат името. Ние сме Република Македонија. Не сакаме да бидеме Република Северна Македонија. Преку нас не може. Не сакаме да бидеме северни Македонци. Па ние единаесет години преговаравме. И не го „продадовме“ името. Кои се Заев и Димитров!? Кои се бре тие да го сменат името и сега Македонија да ја внесат во НАТО и ЕУ!? Нашата партија тоа нема да го дозволи. Народот мора да излезе на улица!“.
Другите, пак, им враќаат!
„Оваа победа не е само наша, туку е на сите кои над две децениии преговараат со Грција. А и на ВМРО е. За жал, иако единаесет години беше на власт, а не го реши името и не ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ. Убаво знаат дека без промена на името нема НАТО, нема ЕУ. Тоа тие многу добро го знаат. Со промена ни се отвораат вратите кон Европа. Не мора веќе Македонците да земаат туѓо државјанство и да одат по леб во други земји. Тука, во Македонија, со нови инвестиции, ќе дојде Европа. Идентитет и националност не губиме. Се додава само додавката Северна, а за тоа преку референдум, ако сакаме ЕУ и НАТО, ќе реши народот. Зар подобро е и понатаму да се викаме ФИРОМ. Не знам зошто за тоа име ВМРО-ДПМНЕ не го повика народот на улица. Со овој чекор идните генерации ќе ни бидат благодарни!“.
И така едните и другите се обвинуваат. Се караат. Се плукаат. На народецов наш преку глава му дојдоа караниците, па и тој вели:
„До кога!? До кога? Зар навистина ништо не научил овој македонски народ од историјата дека секогаш сме биле поделени, дека сме биле еднаш бугарофили, другпат србомани, или гркомани. И никогаш сме немале своја држава. Доста е. Доста е да бараме комшијата да ни ги реши домашните проблеми. Ние имаме и сили и многу умен народ, сам да си биде свој на своето. Само, крајно време е, Македонецот со Македонец онака машки, да си подаде рака дека повеќе нема да се кара, плука, па и тепа. Доста беше „На комшијата не само козата туку и комшијата да умре“!?
Доста проклетства. Ѓаволот еднаш засекогаш нека замине од Македонија. Дали јас или ти си го решил проблемот? Зар тоа е толку важно. Важно проблемот е решен. Народот конечно белки бел ден ќе види! Доста беа караници!“.
И едните и другите само „ломотат“, а не си веруваат едните на другите. Кај Македонецот како да е вкоренета онаа народната кога шкорпијата ѝ рекла на жабата да ја пренесе преку реката. Жабата ѝ рекла дека се плаши оти ќе ја касне. Шкорпијата ветила дека нема тоа да го направи. Жабата поверувала и дозволила шкоршијата да ѝ се качи на грбот. Таман дошле на среде река шкорпијата ја каснало жабата и ѝ рекла: Ееее жабо, јас нема да ја поминам реката, ама и ти нема да ја поминеш!
Има ли подобро наравоучение за Македонецот од ова!?