Во текот на летото ќе се работи на ребаланс на Буџетот, среќен сум што приходите во него растат, рече премиерот Зоран Заев на попладневниот дел од седницата за пратенички прашања.
Во одговор на пратеникот Панчо Минов дали ќе се зголеми износот за надомест на штетите на земјоделците, на кои им беа исплатени пет милиони евра или 10 проценти од утврдените 50 милиони штети, Заев рече дека е направена максимална можност од расположивите пари. Не може да даде збор, рече тој, дека со ребалансот на Буџетот ќе се определат уште 10 милиони евра за оваа намена затоа што треба да се утврди од каде ќе се крати за да се обезбедат парите.
– Верувам кога е им е тешко на граѓаните, во време на штети, треба да се помогне и за таа работа определивме пет милиони евра. Еве ребалансот ќе дојде, ќе се работи во текот на летото, веројатно есента ќе го дискутираме и во Влада и во Парламентот, и ќе видите дека треба од нешто да земете за да може да определиме тука средства. Дури и дополнителни 10 проценти да определиме треба да кажеме од каде ќе кратиме – рече Заев.
Онака како што е поставен Буџетот, дополни тој, среќен е што растат приходите.
– Податокот од денеска покажува дека наплатата на ДДВ во Буџетот во јуни годинава споредено со јуни 2017 е 54 проценти. Но, ова е само овој месец. Добро е што ДДВ во првиот квартал е зголемено за осум проценти, ова е економијата, и тоа ќе значи дека ќе имаме повеќе пари и тие ќе треба да се враќаат назад на граѓаните – рече Заев.
Пратеникот Илиевски упати критики за состојбата и растот на економијата, го критикуваше намалувањето на цената од струјата од 0,1 отсто, а побара одговор и дали Владата преку Регулаторната комисија за енергетика ќе овозможи намалување на цената на нафтените деривати.
– За струјата сите вие тврдевте дека со новиот Закон за енергетика ќе се покачи, дека ќе биде на штета на граѓаните. Факт е дека струјата не се покачи, напротив цената минимално се намали, јас би рекол остана иста. Таа ќе биде уште и подобра. За дизелот е 63,5 денари за литар и тој исклучително зависи од цената на нафтата на берзите. Методологијата не е сменета, таа е иста во последните десет години – рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Меѓу останатото, вицепремиерот наведе дека во првиот квартал годинава во државава има 235 милиони евра директни странски инвестиции, повеќе од кој било квартал од 2008 година досега и повеќе од цела 2017. Потпишани се 17 договори за фабрики што веќе се градат или ќе се градат.
– Економијата навистина заживува и поради тоа што ако порано беа поддржани само 23 компании со државната помош сега веќе таа бројка е многу поголема – рече Анѓушев.