Амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Сутер Техада, на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија го промовираше проектот „Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk)“. Проектот поддржан од Швајцарија во наредниот десетгодишен период има за цел да стимулира вработување преку подобрување на стручните вештини во земјава. Проектот ќе биде имплементиран во партнерство помеѓу швајцарската невладина организација „Хелветас“, Стопанската комора на Македонија и Македонскиот центар за граѓанско образование. Проектот има за цел да овозможи повеќе граѓани, со посебен фокус на младите, да се стекнат со квалитетно стручно образование и обуки, како и да помогне во развојот на стручни вештини кои ќе придонесуваат кон зголемено вработување во земјава.
Амбасадорката Сутер Техада посочи дека намерата на овој проект не е да се претстави швајцарскиот модел во Македонија, туку преку приспособување на одредени елементи од швајцарскиот систем, соодветни за тоа, да се развие посебен систем за развој на стручни вештини кој ќе биде карактеристичен за Македонија.
– Еден таков елемент е принципот на партнерство. Партнерството помеѓу стручните училишта и приватниот сектор е од клучно значење за да се осигура дека младите ги стекнуваат вештините што им се потребни на работодавците и кои ќе им помогнат полесно да добијат вработување. Ова е причината зошто вклучувањето на приватниот сектор е во суштината на нашиот проект. Освен тоа, како резултат на партнерство и блиска соработка помеѓу засегнатите страни, стапката на невработеност на младите лица во Швајцарија изнесува само 3 проценти – истакна Сутер Техада.
Имајќи ја предвид важноста на квалитетот на средното стручно образование и позитивните ефекти кои ги има врз развојот на економијата, Стопанската комора на Македонија со останатите државни институции од една, и приватниот сектор од друга страна, зема активно учество при имплементацијата на националните образовни стратегии кои на среден и на долг рок ќе бидат почувствувани на пазарот.
– Освен осовременување на наставните програми и подигнување на квалитетот на практичната настава, наша заложба е учениците во стручното образование да бидат подготвени за влез на современ пазар на труд кој брзо се менува, а тоа може да се реализира со флексибилни наставни програми, каде бизнис секторот ќе има зајакната улога при едукативниот процес. Она што сакаме да го истакнеме, а е во тесна врска со образованието, е продуктивноста на трудот која согласно извештаите и во првиот квартал од 2018 година продолжува да опаѓа, а од друга страна евидентен е раст на трошоците за труд по единица производ. Тоа не е позитивен сигнал за бизнис секторот, но ние сметаме дека ваквите проекти ќе помогнат за подобрување на економската слика во Република Македонија – истакна Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
Курт Вутрих, тим лидер на проектот „Образование за вработување во Македонија“ ги истакна главните поенти на кои се темели работата во следните години. Тој истакна дека целта е да се воспостави функционален образовен систем кој ќе образува квалитетни кадри, а тие ќе бидат препознаени од приватниот сектор.
– Нашата работа ќе го нагласи системскиот пристап, ќе ги поддржува клучните чинители и ќе ги зајакнува капацитетите на македонските институции имајќи за цел одржлив развој на вештините за вработување. Во нашата работа ќе се фокусираме на два кластера кои инкорпорираат различни економски сектори. Едниот е кластер на технологија и производство кој ги вбројува струките и вештините од областа на земјоделието, прехранбената технологија и машинството, додека другиот е кластер на услуги кој ги вбројува туризмот, но со посебен акцент на угостителството, личните услуги и здравство и социјални услуги – нагласи Вутрих.
Зборувајќи за важноста на информатичката технологија и влијанието кое го има во секојдневното живеење, Курт Вутрих нагласи дека проектот ќе го третира влијанието на новите технологии во рамките на наведените струки.
Стопанската комора на Македонија заедно со партнерите на проектот ги охрабрува компаниите во интеракција со здруженијата и регионалните комори во рамките на Стопанската комора на Македонија да предложат активности кои ќе бидат од корист за подобрување на квалитетот на образованието во наведените области.