Обвинителството ги отфрли кривичните пријави против судии од Уставниот суд

273

Нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени, вели Основното јавно обвинителство Скопје кое донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави против петмина судии од Уставниот суд.

Образложението од Обвинитеството го пренесуваме во продолжение:

„Во кривичните пријави  поднесени од страна на Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, беше наведено дека петмина судии од Уставниот суд на Република Македонија сториле кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Самовластие од Кривичниот законик. Според подносителот, судиите ја злоупотребиле својата службена положба со неизвршување на својата службена должност, како и самовласно си прибавиле право што сметале дека им припаѓа, а со што нанеле значителна штета на граѓаните на Република Македонија.  Имено, подносителот навел дека судиите не постапиле по трите иницијативи кои тој ги доставил во Уставниот суд на Република Македонија, и тоа првата за поништување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесена на 21.10.2015 година, втората за поништување на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија поднесена на 9.05.2017 и третата иницијатива за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги презеде сите дејствија за проверка на наводите од поднесените кривични пријави. При тоа, е утврдено дека во Уставниот суд на Република Македонија веднаш по приемот на иницијативите, а согласно на Деловникот за работа на Уставниот суд, се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија од судско-аналитички карактер, барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и  уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд.

Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО е одлучувано на седница на уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.

По преземање на потребните дејствија, јавниот обвинител утврди дека не се точни наводите во кривичните пријави, односно дека пријавените ги преземале во континуитет сите службени дејствија како службени лица – судии во Уставниот суд на Република Македонија. Од тука, нема основи на сомнение дека судиите со нечинење – неизвршување на службената должност ја злоупотребиле својата службена положба. Исто така, јавниот обвинител утврди дека во преземените службени дејствија на судиите нема материјални факти кои би укажале на самовластено постапување на осомничените, односно дека нема елементи дека истите извршиле кривично дело самовластие.

Од тука, јавниот обвинител донесе Решение со кое се отфрлаат поднесените кривични пријави.​

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...