Австрија го презема претседавањето во турбулентно време за Унијата, со реформски идеи за функционирањето на унијата, Брегзит, мигрантската криза, претстојни избори во институциите на ЕУ, но и со наследен успех за земјите од нашиот регион, со усвоена Стратегија за проширување и датум за преговори за Македонија и Албанија по позитивните извештаји и препорака од страна на Комисијата, рече Артан Груби претседател на собраниската Комисија за европски прашања, на седницата за презентација на австриското претседавање.
– Датум си е датум. Сепак, членството во Унијата се реализира преку долги и тешки преговори и усогласувањa кои што се услов за да се стане дел од клубот. Ние сме свесни за тие услови, но и посветени да ги реализираме пред претседателските избори догодина. Нашата посветеност се докажа преку консензуално исполнување на сите приоритетни реформи, заокружување на нормативниот дел од Рамковниот договор, добродоседскиот договор со Република Бугарија, Договорот за спорот со името со Република Грција и неговата ратификација во Собранието, ни и втората и конечна потврда на тој договор која што ќе следи по три дена тука во Собранието – рече Груби.
Тој додаде дека промената во општествениот менталитет во Македонија е најдобар доказ дека реформите првенствено ги реализираме за себеси, за подемократско општество, за одговорно судство и обвинителство, за целосна одговорност за корупциски случаеви и организиран криминал на највисоко ниво во редовите на политиката и судството, но и активни и истовремено општествено одговорни медиуми и граѓански организации.
– Пред нас се уште други преголеми предизвици, како што е изјаснувањето на граѓаните, уставните амандмани, континуирани реформи, реализирање на програмата, развој, одговорност и казнивост каде што се утврдува криминал, на секое ниво. Сето ова го постигнавме со тешко изцрпена и минимална коалиција, но со голема пожртвуваност и посветеност како и со пркос кон закани и предизвици. И готови сме да го завршиме започнатиот пат, затоа што сме убедени дека е правилниот за нашата држава – рече Груби.
Според него, ние го реализираме нашиот дел, но имаме неспоредлива потреба и Европската Унија, секоја од земјите членки посебно, истотака да биде на ниво на задачата и оснивачкиот дух врз кој што почиваат темелите на Европскиот мировен проект.
– Ние сме додадена вредност за посилна и побезбедна Унија, ние сме решение а не проблем и тоа се покажа во најсилно светло за време на мигрантската криза – рече Груби.