Во делот на државјанството долго време во личните документи стоеше само Република Македонија Сега пишува државјанство – македонско, а во новите документи ќе стои македонско – граѓани на Република Северна Македонија, ако тоа го дозволат граѓаните на референдум кои ќе треба да се изјаснат за Договорот со Грција – одговори премиерот Зоран Заев на прашањето „како ќе пишува во графата за државјанстото во личните документи, откако ќе се реализира Договорот со Грција“ поставено од пратеникот Фадиљ Зендели на собраниска седница.
-Дали ќе пишува граѓани на Република Северна Македонија или како што беше досега, на што ние реагиравме зошто Македонија е мултиентничка држава – праша Зендели.
Премиерот Заев на денешната собраниска седница за пратенички прашања ги повика пратениците заеднички да се израдуваат на убавите вести, откако пратеникот Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали Македонија навистина добила датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, наспроти многу нереализирани проекти.
– Ве поканувам конечно да се израдуваме на убава вест – Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година. Убаво е некогаш заедно да се израдуваме на позитивни одлуки за Македонија. Мислам дека е дегутатно до ден-денеска да се негира фактот дека Македонија доби датум за преговори – одговори Заев кој наведе два, како што рече сериозни аргимента како доказ дека земјава доби датум за преговори, а тоа е фактот што скрининг процесот во Македонија ќе почне на 17 јули.
– Доказ за тоа е и дека Европскиот совет никогаш повеќе нема да се навраќа на Македонија да утврдува датум за преговори. Фокусот на опозицијата треба да биде насочен дали Македонија ќе чекори во подготвителните фази на скринингот и преговарачката рамка соодветно и најдобро можно, за во јуни да ги отвори првите поглавја од преговарачкиот процес – рече премиерот Заев.
Во врска со прашањето дали Владата ќе постапи според европските препораки против партизацијата и ќе распишат нов оглас за директор на Агенцијата за вработување, а ќе го разрешат Спасе Глигоров, Заев рече дека Глигоров поднел оставка од партиските органи и тела и си заминал од највисоките тела од СДСМ .
– Конечно во Македонија јавната администрација се пополнува согласно со потребите, а не по однапред подготвени тефтерчиња институциите да се полнат по партиски потреби. Подеднаква фер шанса добиваат сите граѓани во Македонија – одговори Заев.