Договорот за името во четврток по втор пат во Собранието

109

Седницата на која Парламентот повторно ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за спорот за името ќе се одржи на 5 јули. Ова било договорено на денешната координативна средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.

Минатата недела во Собранието беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Собранието го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и 40 „против“, а истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.

Сега повторно се на потег пратениците. За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците.

Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...