Следниот филм на режисерот Квентин Тарантино ќе носи наслов „Си беше еднаш во Холивуд“ и во него ќе глумат и Бред Пит и Леонардо Дикаприо, официјално објави „Сони пикчрс“.
Според соопштението, премиерата на филмот ќе биде на 9 август 2019 година, кога навршуваат 50 години од шокантната вест за убиството на актерката Шерон Тејт и уште четири други лица во Лос Анџелес.
Во изјава, Тарантино го опишал филмот како „приказна чие дејство се одвива во Лос Анџелес во 1969 година, во екот на хипи Холивуд“.
Клиф и Рик
Двата главни лика се Рик Далтон (Леонардо Дикаприо), поранешна ѕвезда од телевизиски вестерн филмови, и неговиот долгогодишен каскадер Клиф Бут (Бред Пит). Двата лика се обидуваат да успеат во Холивуд, кој веќе не се препознава. Рик има многу позната сосетка – Шерон Тејт.
– Работев на сценариото пет години и исто така живеев во Лос Анџелес поголем дел од мојот живот, вклучително и во 1969 година, кога имав седум години. Многу сум возбуден да ја раскажам оваа приказна за еден Лос Анџелес и за Холивуд кои повеќе не постојат. Не можам да бидам посреќен во врска со спојувањето на Дикаприо и Пит како Рик и Клиф – изјавил Тарантино.
Неговиот нов филм ќе биде сместен во периодот на бруталните убиства на култот на Чарлс Менсон, кога беше убиена и актерката Шерон Тејт, сопруга на режисерот Роман Полански, додека беше во осмиот месец од бременоста.
Тарантино работеше со Пит во „Неславни копилиња“ од 2009 година, а со Дикаприо во 2012 година на филмот „Разузданиот Џанго“. Ова ќе биде првпат Бред Пит и Леонардо Дикаприо да се појават заедно на големото филмско платно.
Кој ќе ја глуми Тејт?
Иако во медиумски извештаи се посочуваше дека Марго Роби, во моментов номинирана за Оскар за главна женска улога за ангажманот во филмот „Јас, Тоња“, ќе ја глуми Шерон Тејт во филмот „Си беше еднаш во Холивуд“, сè уште нема официјална потврда за тоа.