Колеги, ја утнавте со сертификатите и – не грешете повеќе!

Не треба да очекуваме некој друг да се грижи за нашиот образ повеќе од нас самите. Затоа, колегите што побарале безбедносни сертификати, без оглед на околностите, треба сериозно да ја сфатат сопствената грешка и да извлечат поука за во иднина.

2004

Конечно се расчистија нештата околу безбедносните сертификати што претседателот Ѓорге Иванов им ги понудил на група новинари. Откако ја поддржав осудата од страна на ЗНМ на овој акт на шефот на државата, неколку новинари (сегашни и бивши), на Фејсбук полемизираа со мене, тврдејќи дека не било исто ако кабинетот на Иванов понудил такви сертификати и ако некои новинари побарале или добиле такви документи, кои им овозможуваат пристап до строго доверливи безбедносни информации, кои потоа не смеат да ги објавуваат.

Иако, во суштина, станува збор за беспримерен обид на шефот на државата да ги подложи новинарите на компромитација и на цензура, се повинував на апелите на моите колеги да не „генерализирам“. Не ми беше идејата никого да повредам, иако на сите ни е јасно дека кабинетот таргетирал новинари кои или веќе се соработници на тајната полиција, или – што е уште пострашно! – некој сака да помислиме дека се такви.

Како и да е, еве, вистината е како шило, нели… Група новинари сепак одговориле на иницијатива на кабинетот на Иванов и потпишале барања за безбедносен сертификат. Откако изби скандалот, тие сега бараат нивните барања да бидат поништени. Некои медиуми, пак, побарале од нивните новинари да се откажат од барањето за добивање безбедносен сертификат. Конечно, сите заедно сега се консултираат со ЗНМ како да постапат, иако, за љубов на вистината, треба да се нагласи дека ум требало да побараат порано.

Во принцип, не сакам прозивки, особено не на колеги новинари. Мислам дека кабинетот на претседателот Иванов ги изманипулирал луѓето, во обид и на тој начин да изврши  притисок и контрола врз медиумите. Дури сум спремен да помислам дека станува збор и за чисто непромислен потег на екипата на Иванов, кои можеби не ги сфатиле последиците на нивната глупава иницијатива, имено не сфатиле дека со својата постапка ја компромитираат нашата професија.

Но, има тука едно големо „но“… Никој подобро од нас, новинарите, не може да го сочува достоинството на новинарската професија. Не треба да очекуваме некој друг да се грижи за нашиот образ повеќе од нас самите. Затоа, колегите што побарале безбедносни сертификати, без оглед на околностите, треба сериозно да ја сфатат сопствената грешка и да извлечат поука за во иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...