Се сеќавам Хрватите, во раните деведесетти, набргу по осамостојувањето, правеа емисии во кои се одговараше на прашањето „шта су Хрвати дали свету“. Со јасна цел да ја поттикнат (или произведат) националната гордост. И тука се наоѓаа секакви импровизации, недокажани работи, полувистини, од Тесла и неговите изуми, преку пенкалото, разни кулинарски специјалитети, до неизбежната „кравата“, која нели, и самото име кажува, ја измислиле Хрватите.
Си велам, ако некогаш им текне и на Македонците да направат „попис“ што им дале тие на светот, што би било „број еден“? А ќе се најде нешто ако бараш. Ако успееме да си ја припишеме кирилицата, тогаш нема дилема, ама таму ќе се јават повеќе претенденти. Македонската салата не ни бега, за шопската може да конкурираме како коавтори, ајварот, боже мој, тоа е веќе сериозен старт. Некои велат дека солунските атентати, според начинот како се изведени и според своите цели – да го свртат вниманието на светската јавност, биле во тоа време нов начин на користење на насилството во политичко пропагандни цели. Денес, знаеме тоа е секојдневие.
Сепак, ако се бара светски најпрепознатлив „бренд“ од поново време, тоа несомнено ќе бидат „лажните вести“. Тие ја издигнаа Македонија на светска слава, Велес посебно, благодарение на нивната улога во американските избори и трагедијата што го задеси американскиот народ наречена Доналд Трамп. Малку помалку е позната улогата на македонските „предузимачи“ на лажни вести во кампањата пред брегзит, или на други бојни полиња, но и без нив светската слава на велешките ботови е зацементирана, можеби повеќе и од нивните сограѓани фокусирани на Солун.
Затоа, прашање беше на време кога ова оружје за масовно уништување на вистината ќе биде аплицирано и дома, во Македонија, особено откако некои домашни сили, по паѓањето од власт, останаа без дел од своите тешки орудија за масовно заглупување, т.е. лажење. Последен атак, со препознатлив потпис, беше ширењето како пожар (по социјалните мрежи) на „веста“ дека во Визбегово ќе се гради камп за мигранти. Знаејќи ја ксенофобичноста и паранојата на својот народ, во чие креирање толку долго инвестираа, истите креатори на паники, сега решија да удрат на таа тенка жичка. Владата и ресорните министерства сега се мачат да издемантираат дека во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти, но како што обично се вели, демантирањето, особено во времето на Фејсбук и Твитер, е потешко од собирање пердуви од растурена перница. Отишол возот, особено ако Владата има многу душмани зад тастатура, кои, и да знаат дека некоја вест е лажна, стопати во сласт ќе ја споделат ако со тоа може да му наштетат на „Зајко“.
Нема друго чаре, освен што се прослави како генератор на лажни вести, Македонија да се истакне и со лидерство во борбата против нив. Оти ќе има многу мака од нив, особено што пред нас се чувствителни моменти. Потребно е владините служби за пи-ар сериозно да побараат соработка од администраторите на Фејсбук, да пуштаат масовно пријави на ширителите на лажни вести, ако треба да им се обратат на највисоко ниво, да им кажат каква ни е ситуацијата, и да бараат и ум и помош во борбата со оваа модерна напаст. Младиот газда на Фејсбук, Марк Цукерберг, кој поради улогата на неговата мрежа во големи светски политички потреси (читај сра*a) убаво се препоти пред Сенатот, и самиот ќе има потреба малку да се испере, и верувам ќе засука ракави и профили. Ако не успеа да ги спаси Британците од Брегзит, а Американците од Трамп, нека ја спаси барем Македонија од „велешаните“!
Објавено во „Слободен печат“