Здружението на млади европски федералисти „ЏЕФ” и Здружението за канабис и зелени политики „Билка” одржуваат панел дискусија на тема „Декриминализација на канабисот,сега”. На панелот во киното „Култура” се обрати пратеничката на ЛДП, Јулијана Николова, која рече оти е убедена дека Собранието ќе го декриминализира канабисот во рекреативни цели, пишува Макфакс.
– Ризикувам да бидам криминалец, ако консумирам канабис во рекреативни цели – рече Николова и додаде дека иако никогаш лично не пробала, сепак, тоа не би требало да влијае врз можноста останатите граѓани тоа да го направат.
Таа го спореди правото на избор за купување цигари со немањето право да се консумира канабис во рекреативни цели.
– Не може државата да ми каже дали ќе користам канабис – рече Николова.
На дискусијата, за економските аспекти на канабисот, говореше и Дамјан Божиновски од Левица, кој потсети дека братучедот на премиерот Зоран Заев се вклучил во новиот бизнис за одгледување канабис за медицински цели. Тој рече дека може да се размислува за поведување предлог-закон за декриминализација на канабисот.
Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, рече дека ставот на партијата е поддршка на такво решение.