Друже Заев, ајде да се симнеме во реалноста, во онаа реалност што значи вистина, желба, надеж. Ајде да го украсиме референдумот со ловоровото гранче на слободата, извојувана во повеќе офанзиви наназад, за тебе животно опасни, за нас марширачите и следбениците на револуцијата, човечки и горди чинови за реализирање на правдата и казни за криминалците, за да можеме сите да ги кренеме рацете високо и во моментот кога тоа ќе се случи, ја прогласиме победата заеднички, ја полиеме со „Дом Перињон“ и „Блу лејбл“, ама баш онака како што тоа го прават победниците на Ф1 заедно со нивните навивачи…
Работите се доведени до еден метар од НАТО и три од ЕУ. Тие куси дестинации бараат исклучителна концентрација и надчовечка енергија за да се исцедат последните атоми до конечната победа, бараат жртви, бараат соочување со правдата на корумпираните политичари и аздисани државни криминалци, бараат СУД, бараат правичен СУД за сите, бараат слобода на медиумите, бараат многу други работи кои се во интерес на сите. Тие неколку метри бараат твоја искреност во овие намери, бараат резултати на овие полиња, бараат живот за сите…
Соземи ги симпатизерите и членовите во твојата партија, на начин, што ти прв ќе кажеш дека, ниту сме ги започнале преговорите за влез во ЕУ, ниту сме станале членка на НАТО, ама никогаш досега не сме биле поблиску до нив. Тоа што го имаме како задача за истрчување, се оние неколку метри до целта, пред кои, мкд пучанството заради својот антички дефект, знае да ги сервира на гајбите пред кооперациите и на трпезите во биртиите сите свои залихи од еуфорична радост и да ги сподели со останатите кои тоа ќе го примат како готова, како веќе завршена работа, а во делот од последната секунда некој јебиветар ќе ги претрка…
Друже Заев, последните метри не се истрчани за да прославуваме, за да се еуфоризираме, макар и во облик на демек смислена, ама смртоносна “пиар“ кампања со која ќе мора да се попрскува и мкд здраворазумното пучанство до референдумот. Не иде тоа така, друже Заев…
Референдумот сега можам да го прогласам за успешен и тоа со огромен процент на излезност, ама, ако и само ако, према граѓаните се однесуваме искрено, чесно и чисто, до крај. Онака како што ја започнавме револуцијата…
На сите твои партиски следбеници кои веќе прогласуваат членство во НАТО, и почеток на преговори со ЕУ, им порачувам една многу позната реплика на Роберт Де Ниро од култниот “Таксист“ – “Ју токинг ту ми, бе, ајвани?“
… Тенкју…