Со утврдениот датум од Европската унија, кон крајот на јули почнува скриниг процесот, а во јуни идната година очекувам отворање на поглавја, изјави премиерот Зоран Заев во интервјуто од Брисел за Македонската телевизија.
Референдумот за договорот со Грција, како што најави, најверојатно ќе се одржи кон крајот на септември.
– Со утврдениот датум расчистивме, нема никакви дилеми. Почнува скрининг – процесот, најавивме втора половина на јули. Кабинетите го договараат, најверојатно ќе биде околу 17 или 20 јули. Веднаш штом ќе се вратиме во Скопје ќе продолжи процесот на скринингот, за да ги договориме сите фази и се надевам дека во јуни 2019 да почнеме да отвораме поглавја – изјави премиерот Заев.
Премиерот во интервјуто вели дека генералниот секретар на НАТО ги објаснил процедурите за пристапување во Алијансата.
– Точно се знае и каде ќе стои македонското знаме. Со завршувањето на преговарачкиот процес, кој трае околу три месеци, Македонија добива место на масата заедно со земјите-членки на НАТО Алијансата – рече Заев.
Тој изрази уверување дека со решени билатерални проблеми, со отворени покани за членство, со точно утврдени датуми, не само Владата, туку и сите институции во земјата, како и граѓаните ќе бидат мотивирани да испорачаат резултати.