Секоја земја со половична и незрела демократија, следствено вклучува и таква состојба на доминантниот јавен дискурс, постојат теми, комплекси и поими што се некој вид табуа, нешто за кое е невозможно да се суди според сопственото верување, туку сите основни мислења и вредности во поглед на „тоа нешто“ формирани се уште пред раѓање на двоножниот субјект, кој би можел за тоа нешто да мисли и пишува, така што нему не му останува ништо друго освен зададените обрасци послушно да ги репродуцира, да не ги доведува под прашање, да ги пренесува како штафета низ својата вечност и да ги предава понатаму. Во најдобар случај, дозволени се извесни стилско-реторички осовременувања на затечениот образец, ама само ако не се нарушува „суштината“, то ест, ако не се внесува ништо супстанцијално ново, не дај боже субверзивно, на веќе постојниот наратив.
Дискурсот за името
Кога е во прашање „дискурсот за името“, оној кодифициран како единствен „кошер“ и патриотски „халал“, таа тема се нарекува „Македонија“. Не станува збор конкретно за физичкиот простор и егзистенциите на живите луѓе, па дури и не станува збор за историјата и политичката реалност, туку се работи за нешто што се наоѓа во областа на митот од нерешавање, а историјата не се обликува според желбите и соништата на занесените национал-романтичарски лупетала и слепи гуслари. Нема, почитувани, во митот ништо лошо, тој во своите безбројни обличја е составен дел од едно цивилизациско растење на човечката врста; неволјата доаѓа кога обрасците од типско-магискиот космос ќе почнат да го диктираат мислењето и однесување внатре во светот низ кој функционира на сосема други принципи.
Да одиме сега со елементарните факти. На владата на Ципрас и на владата на Заев им требаше половина година од интензивни преговори за да пронајдат решение за спорот што трае три децении за идното име на бившојугословенската република Македонија. Преговорите до последен момент ги следеа протести. На дваесет страници од „Преспанскиот договор“ не е само предвидена промена на „БЈР Македонија“, туку и решавање на цела низа од прашања што нè оптоваруваа и ги труеја односите на двете соседни земји. Во Преамбулата „БЈР Македонија“ се обврза да ги промени имињата на сите свои државни институции и органи, дури и на народниот театар. Се обврза дека ќе ја напушти идеологијата што ја присвојува античката македонска историја, како и Александар Македонски, перјаница со која се размавтуваше националистичкиот премиер Никола Груевски, повредувајќи сè живо: економијата, политиката, меѓусоседските односи, живите луѓе.
Што значи, сè додека се урла дека овој договор е штеточински, дека овој договор е „предавнички“ и „капитулантски“, овој договор ќе биде добар поради простата причина: Договорот се движи во корист на двата народа и ќе одржи стабилност на Балканот и Европа. Штом парламентот го ратификува Договорот (што веќе се случи!), Грција ќе прати писмо во седиштето на НАТО и ќе побара повик за придружување на самитот што ќе се одржи на 11 јули 2018 година. Денес, барем додека го пишувам овој текст, ќе се одржи самитот во врвот на ЕУ на кој БЈР Македонија ќе добие датум за почеток на пристапување во Европската Унија под името Северна Македонија.
Успешна приказна
Целта, почитувани, на овој Договор од една страна е нормализација на грчко-македонските односи, а од друга страна интеграција на малутинационалната земја во НАТО и ЕУ, како би успеала да се стабилизира и да тргне по патот на просперитет, демократија и развој. Стратешката цел, пак, на Грција е конечно да се затвори „црната дупка“ на Западниот Балкан со постепено влегување на сите земји членки во НАТО и во ЕУ. Верувам дека „Преспанскиот договор“ ќе биде „успешна приказна“ за целиот регион и позитивен пример на начин што е возможно да се надминат проблемите и разликите на Балканот.
Сакам да кажам, „проблемот со името“ како таков, е ништо друго освен несразмерна проекција на реалноста, што значи дека митскиот образец не попушта во „десниот“ спектар, затоа што тие подразбираат дека таквиот образец е стамен, статичен, непопуслив, па според таа логика – тие мислат – дека „реалноста“ мора да му се потчини. Но, ете, попушти и тоа, што во голема мера е одлично, сега ќе им остане само ритуалното (црквено!) оплакување зачинето со сите „специјални ефекти“ на една митоманија како еден вид духовен темел на десниот „национален идентитет“. Кога би избирал, би ги оставил да плачат, а јас би ја одбрал Европа, не затоа што е подобра во сè, туку затоа што прогресот, развојот и демократијата се загарантирани. А, тоа е најважното нешто за едно цивилизациско човечко растење. А јaс сега ќе одам да се притаам, не затоа што не бев доволно „видлив“, туку затоа што секој еден треба да си даде оддишка во „цивилизациското човечко растење“ читајќи книги, се разбира. Па, се гледаме од септември. А до тогаш: БЈРМ чао, Северна здраво!