Химна за човекот

Македонија и нејзините граѓани, немаат сили за нови порази. Нека стивнат сите пропагандни труби кои подгреваат конфликтност и хаос. Ја заборавивме химната на животот - за големината на човекот!

663

Ако сакате да ви веруваат, да ве почитуваат, зборот и мислата да ја имаат неопходната морална тежина, екстремностите не се критериум. Неопходни се умереност, коректност, објективност… И над се почит кон другиот, без разлика што неговите ставови не се вклопваат во вашата резонска рамка.

Блефовите, белки се опаметивме, одамна веќе не минуваат. Посебно иритираат потезите на разноразни недугавци, кои и на помалку чувствителните, со своите илузионизми, сетилата до дрскост им ги силуваат. Во оваа наша политичка раслоеност, раситнетост и разнебитеост, рајски градини исцртуваат.
Опкружени сме со типови кои очигледо заборавиле какво е чувството со целото стапало да се гази по земја. Едноставно, изумиле, колку е таа корава, каменлива, сурова.

Се лелеат во некој меѓупростор, што поради афинитетот за лична морална аморфија, го избрале да биде нивната егзистенционална капсула. И веруваат дека не таа, туку светот се врти околу неа, во чија плазма тие ја уживаат својата удобност и блаженост.

Колку за показ, бројни такви господа, цврсто се счепчиле, за најголемите труби во кои со сета нивна трапавост ги дуваат борбените сигнали. Со исклuчителна строгост опоменуваат, предупредуваат, се закануваат, диктати катапултираат. Катаклизмични сценарија исцртуваат…

Веруваат во заблудата дека тие се избраните, од бога дадените, да бидат единствени чувари на системите и догмите на партиите. Тие се штитот на националниот опстој…

Наша врвна среќа е што на фејсбукот, барем во оваа фаза на технолошкиот подем, не е измислена можноста за физички контакт, за да ја демонстрираме, место културата на менталноста, набрекот и престижот на мускулатурата.

Имајќи го во вид нашиот колективен генетски карактерен знак, неизбежен е заклучокот дека, во таков случај, ќе бевме мегдан на хаотичност на кој ќе се одвиваа ретко видени гладијаторски спектакли. Глодања на меѓупартиска основа. Помори со бруталности и вулгарности.

Прапричините на овој ментален галиматијас, на оваа зовриеност и меѓучовечка нетрпеливост, на овој реторички дуел што предолго трае, во кој секој збор го има острецот на убојна стрела, треба да се бараат пред се во нашата комуникативна некултивираност. Во изгубеното чувство за мерка, за почит на човечкото достоинство. За меѓусебна доверба и заеднички национални идеали. И секако, во ниското спозајно ниво на вредносните критерими за личното духовно битие и големината на битта на другиот.

Кога веќе се одлепивме од шините на споредниот, речиси мртвиот балкански колосек и тргнуваме, бавно, но сепак трнавме кон дестинациите на поцивилизираните системи, време е да се закопаат секирите на делбите. Да почне да ладат главите на оние заблудени лидерски херои, кои сѐ уште ги веат знамињата од боиштата на поразите. Изгубените фронтови треба да се сместат во кориците на историјата, во депоата на архивите и витрините на музеите.

Македонија и нејзините граѓани, немаат сили за нови порази. Нека стивнат сите пропагандни труби кои подгреваат конфликтност и хаос. Ја заборавивме химната на животот – за големината на човекот!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...