Млади, уживајте до зори, ама седнете трезни и одморени зад воланот!

Она што младите не го предвидуваат е заморот што го совладува организмот, без разлика на силата и енергијата што ја чувствуваат во тој момент.

131

Возењето во раните утрински часови може да претставува проблем за младите возачи и потенцијален ризик да се соочат со тешкотии при управувањето со возилото, предупредува Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Ослободени од училишните и од факултетските обврски, во периодот од годината кога бројните концертни настани и отворените летни дискотеки ветуваат добра забава до раните утрински часови, секој млад човек со нетрпение чека да се собере друштвото и да си овозможи нова летна авантура. Секако, задоволството не би било комплетно доколку денот не се искористи максимално и не се направат повеќе работи одеднаш. И пред да го зграпчите зајдисонцето и да се препуштите на лудите летни авантури, не заборавајте: Младост е да уживаш во летните авантури, лудост е тие да прекинат зад воланот!

По долгиот и жежок ден, спасот да се подише свеж воздух и да се разладат, младите го наоѓаат надвор од своите домови, на тревата во парк, во кафе бар или во некоја од градските дискотеки. Разладени со некоја пијачка плус, понесени од атмосферата и од друштвото, по добро поминатата вечер скоро секое друштво се собира на „афтер парти“ на локација на која нема да пречат никому и дома се враќаат во рана зора кога започнува новиот ден.

Една од малку предвидливите ситуации, која како релативно нови учесници во сообраќајот младите ретко ја забележуваат а е многу опасна и е одговорна за голем број сообраќајни незгоди предизвикани од млади возачи – е возење уморни во раните утрински часови.

Она што младите не го предвидуваат е заморот што го совладува организмот, без разлика на силата и енергијата што ја чувствуваат во тој момент. Возењето во услови на мрак е само по себе опасно бидејќи е потешко да се види патот пред себе, но возењето во услови на зазорување е уште поопасно бидејќи човечкото око се бори со светлината што се пробива од мракот и се напрега да се фокусира на објектите на патот, односно на самиот пат, на луѓето и на другите возила.

Основен инстинкт на организмот во борбата со заморот и поспаноста е постојаното трепкање на окото со цел да го одржи организмот буден. Борејќи се со сонот, се намалува концентрацијата и можноста за правилно рассудување, се намалува перцепцијата, реакциите на естремитетите се забавени и можноста за брзо маневрирање е отежната. Сето ова го прави возењето опасно, а грешките се толку големи што чинат живот.

Дополнително отежнување за заморениот поглед претставуваат и светлата и фаровите од другите возила, односно нивниот одблесок во ветробранското стакло и ретровизорите на автомобилот, заедно со првите утрински сончеви зраци. Доколку навистина мора да управувате моторно возило и да учествувате во сообраќајот под вакви околности, имајте во автомобилот еден пар резервни очила за сонце.

Освен намалената перцепција и намалениот фокус, и другите реакции на организмот во вакви услови, во раните утрински часови се исти како кога се управува моторно возило под дејство на алкохол.

Согласно тоа, возењето во раните утрински часови, покрај тоа што претставува предизвик, претставува и голема опасност а потврда за тоа е големиот број на сообраќајни незгоди што се случуваат во овој период од денот. Според статистиката на РСБСП, најчесто учесници во нив се млади возачи или возачи-почетници.

РСБСП порачува: Запомнете! Возењето одговорно, е дел од иднината на секој млад човек. Младост без лудост! Вози одговорно!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...