Судењето за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за набавката на „мерцедесот“ е одложено за 29 август, откако ќе заврши судската ферија (годишниот одмор).
Утрово таа требаше да се појави на рочиштето, но поради нејзината состојба рочиштето не се одржа. Одбраната на Јанкулоска денеска до Судот ја достави нејзината медицинска документација. Јанкулоска вчера се породи и на свет донесе здраво машко дете, кое го доби името Петар.
На екс министерката и се суди во раздвоена постапка во предметот „Тенк“ бидејќи имаше ризична бременост. Судијката Добрила Кацарска на претходното рочиште закажа 25 нови рочишта до октомври годинава. За „мерцедесот“ затворски казни добија другите двајца обвинети, поранешниот премиер Никола Груевски – 2 години, и екс помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски – 6 години и 6 месеци.