Големата селекција на Рома продолжува со полна сила. Клубот доби деветто ново засилување, а тоа е младиот Французин Вилиам Бианда. Тој пристигнува од Ленс за шест милиони евра, но досегашниот клуб може да добие уште пет милиони во форма на бонуси, како и 15 отсто од евентуален следен трансфер на дефанзивецот.
– Многу сум среќен. Рома е голем клуб и ја сум сигурен дека ова е вистинското место за мене. Тука ќе можам да ги развијам своите квалитети и да го направам следниот чекор во својата кариера, изјави Бианда за официјалниот сајт на „волците“.
Централниот дефанзивец има само 18 години, но тој се смета за голем талент. Неговиот договор со Рома е до 2023 година. Во својот нов тим, тој ќе игра со бројот 28.
– Со привлекувањето на Вилиам продолжуваме со својата политика да инвестираме во млади фудбалери. Сигурни сме дека со помош на тренерскиот штаб и најискусните фудбалери, Бианда ќе го покаже целосно својот огромен потенцијал, прокоментира спортскиот директор на Рома, Мончи.