Одлуката на Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ Македонија и Албанија во јуни 2019 година да почнат пристапни преговори беше потврдена и на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Унијата кој денеска продолжува во Брисел.
– Ова е добра недела за вашата земја и за Западен Балкан, ЕУ го отвори патот за отпочнување преговори за членство за Македонија и Албанија во јуни 2019 година – изјави вчера претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел.
Туск рече дека напредокот немало да биде успешен без силниот ангажман на македонската Влада, посочувајќи го постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија и Договорот со Грција за решавање на спорот со името, кои претставуваат пример за другите во регионот како да се решаваат проблемите.
Премиерот Заев, пак, истакна дека ова е голема вест за Република Македонија и дека доделениот датум е заслужен.
– Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на ЕУ рекоа да, земјата го заслужува тоа. ЕУ прифати дека Македонија од заробена држава за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на инклузивност, политички дијалог, за политичка волја за решавање на проблемите со соседите – рече на прес-конференцијата премиерот Заев.
Заев истакна дека следното проширување, во кое ќе биде вклучена и Република Македонија, е во суштина – консолидацијата на Европската унија. Очекува, преговорите да траат до седум години, што, е просек според досегашното искуство.
Премиерот Заев, кој во Брисел е придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера попладне во Брисел се сретне и со еврокомесарот за прошрување Јоханес Хан, а средбата беше оценета како практично започнување на подготовката за скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговори.
На средбата, како што соопштија од Владата, беше разговарано и за серијата чекори што претстојат во спроведувањето на договорот со Република Грција, но и за главните насоки за засилување на реформите во поглавјата што први ќе бидат отворени во јуни, идната година – владеењето на правото и правосудството и фундаменталните права. Станало збор и за преговарачката рамка и отпочнувањето на воспоставување преговарачка структура имајќи ги предвид компаративните искуства на државите кои преговараат или преговарале со ЕУ, нашиот домашен контекст, како и мислењето на ЕК.
– Нема време за прослави. Претстојат 365 работни дена за интензивна работа за да се оствари историската задача на успешни и брзи преговори за членство на Република Македонија во ЕУ – била заедничката порака од оваа средба.
Премиерот Заев вчева појасни дека Македонија доби чист датум за почеток на преговори со ЕУ и оти околу 20 јули, со посета на еврокомесарот Јоханес Хан, ќе започне процесот на скрининг по поглавја.
– Добивме чист датум за почеток на преговорите, и да нема повеќе дилеми, да ги затвориме тие дебати, втората половина на јули тоа е буквално од утре го почнуваме скринингот со посета на комесарот Хан. Тоа само по себе е доказ дека почнуваат сите процедури за преговарачкиот процес. Верувам дека Македонија навремено ќе ги изоди сите овие чекори. Јас сум среќен со датумот. Нашето очекување е комплетно и целосно – рече премиерот Заев во Топ Тема на Телма ТВ.
Заев, кој во Брисел присуствува на Кран Монтана процесот, кажа и дека Македонија е подготвена за преговори и оти се што се прави во реформите во правосудството, во медиумите, во јавната администрација, во безбедноста, е целосно координирано со Европската комисија и Европската делегација.
Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, вчера изрази уверување дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент од мнозинството пратеници, јави дописничката на МИА од Атина.
– Нема шанси да не се изгласа во Парламентот – рече Коѕијас во интервју за грчкото радио „Њуз 247“, повторувајќи го неговиот став од декември минатата година дека ќе постои мнозинство пратеници, а не партии кои ќе го поддржат договорот.
Премиерот Заев денеска во Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што е предвидена и заедничка прес-конференција. Средбата се случува спроти НАТО-самитот закажан за 11 и 12 јули на кој Македонија треба да добие покана за членство во Алијансата.