Лидерите на Европската унија не успеаја да усвојат какви било заклучоци од денешниот Самит, каде се разговараше за политиката на Унијата во сфери од одбраната до трговијата, бидејќи една земја тоа го блокираше, изјави портпаролот на претседателот на ЕС Доналд Туск .
– Со оглед на тоа дека една од земјите-членки изрази резервираност за сите заклучоци, тие во овој момент не се усвоени – наведе портпаролот, но не прецизираше за која земја станува збор.
Западните медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, соопштија дека таа земја е Италија.
Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ја откажаа прес-конференцијата закажана за вечерва.
– Италија сака другите членки на ЕУ да покажат повеќе солидарност по прашањето за миграцијата и нејзиниот премиер Џузепе Конте веднаш по пристигнувањето на Самитот се закани дека ќе стави вето на заклучоците и неговата закана засега ја остварува, јави Хина..
– Италија многу работеше на предлогот кој го испрати до Советот. Тоа е разумен предлог, во согласност со вредностите на ЕУ. Разговарав со други земјичленки и тие нудат поддршка. Сега чекаме зборовите да се претворат во дела – изјави Конте пред почетокот на Самитот.