Не е битно како ќе гласаат, но граѓаните мора масовно да излезат и да го искажат своето мислење преку референдум, се согласија вечерва и Владимир Божиновски и Љупчо Зиков, кои вечерва во „Само вистина“ дебатираа за договорот со Грција и што тоа значи за иднината на Македонија.
Според Божиновски, референдумот треба да е задолжителен и организиран во перфектно чиста ситуација и фер услови, а особено важно притоа е и самото референдумско прашање да биде прецизно и јасно, да не предизвикува забуни за грагѓаните за точно да знаат за што гласаат.
– Прашањето на референдумот треба да гласи „Дали сте за промена на името, со цел влез во НАТО и ЕУ“ – смета Божиновски.
За Зиков ова е историски момент за Македонија.
– Македонија стави на маса голема жртва, но патот кој го фати е стратешки важен и во суштина ја менува иднината на земјата, и тоа треба граѓаните да го прочитаат и сходно на тоа да гласаат. Знаете кој ќе бидат најголемите блокатори на преговорите со ЕУ? Во 30 години оние што во транзицијата направија многу пари, а во приватизацијата поминаа доста добро – изјави Зиков.