По одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпишува Законот за ратификација на Договорот со Грција за името, парламентот ќе треба да го врати истиот закон на второ гласање. Засега не се знае кога тој ќе биде повторно ставен на дневен ред, но Деловникот на Собранието предвидува дека тоа треба да се случи уште на првата собраниска седница. Дали овој закон ќе ја доживее судбината на Законот за употреба на јазиците, кој и по второто гласање не го доби потребниот претседателски потпис иако Иванов беше уставно должен да го потпише, политичките аналитичари се оптимисти и објаснуваат дека овој пат постои реална можност да се заврши работата, а како што велат, Иванов би можел да заработи кривична одговорност поради одолговлекување на законот и кршење на Уставот.
Некои од експертите, пак, велат дека може да се случи шефот на државата сепак на крајот да попушти и да го потпише законот, па ако се сомнева во неговата уставност, тогаш може во секое време да иницира постапка за оценување во Уставниот суд.
Доколку, пак, шефот на државата остане цврсто на ставот да не го потпише указот и по второто гласање, објаснуваат аналитичарите, тогаш крајно сценарио би било да се констатира спреченост на претседателот и наместо него да се потпише претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Таквиот начин на делување не би претставувал ништо ново за македонската политичка историја, оти како што потсетуваат експертите, на 9 октомври 1995 година поранешниот собраниски спикер Стојан Андов го потпишал указот за Законот за ратификација на привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, а како што велат, Андов тоа го сторил во име на тогашниот претседател Киро Глигоров, кој шест дена пред тоа доживеал атентат.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, тврди дека постои можност да се отвори постапка за толкување на Уставот во насока на тоа да се утврди дали претседателот Ѓорге Иванов е спречен или одбива да го потпише законот за името.
– Имаме ситуација во која Уставот и законите укажуваат на евентуално спречување на претседателот, но во дадениот случај, на прашањето дали навистина станува збор за спреченост или се работи за спреченост преку одбивање, треба да се одговори со тоа што ќе се протолкува Уставот. Важно е тоа што Иванов не го почитува Уставот, туку напротив, го прекршува. Исто така, шефот на државата спречува извршување, односно остварување на законодавната функција и тој веќе вторпат интервенира во законодавната власт. Сето ова значи дека претседателот ја спречува процедурата, па доколку спречува, тогаш постојат многу едноставни решенија за тој проблем. И покрај тоа што неговото спречување е во друга насока, сепак мислам дека потребно е да се примени едно пошироко толкување на Уставот и да се утврдат позициите – објаснува Николовска.
Политичкиот аналитичар Андреја Стојковски, пак, објаснува дека за да се прогласи спреченост на претседателот, прво треба да бидат исполнети многу услови.
– Таква спреченост беше прогласена во 1995 година кога спикерот Стојан Андов потпиша документ во име на тогашниот претседател Киро Глигоров, но тогаш стануваше збор за многу посериозна причина. Како што во моментов стојат работите, единствено што ние можеме да сториме е да го дадеме Иванов на психијатриско набљудување и конзилиумот да утврди дека лицето е опасно за себе и за околината, како и да потврди дека поради таа причина треба да му се одземе деловната способност. Тоа ќе подразбира импичмент, односно постапка што треба да ја утврди и самиот Уставен суд со двотретинско мнозинство. Лично не гледам причина зошто би се водела таа постапка, бидејќи сето тоа може да се заврши вонпарнично како за секој обичен граѓанин на Македонија. Уште една опција што може да се земе предвид е да се стави прашањето за импичментот во истиот референдум за името. Едноставно, освен прашањето за промена на државното име, можеби добро би било на референдумот да се додаде и прашањето дали Собранието да поведе постапка за импичмент на претседателот – објаснува Стојковски.
Извор: Слободен печат