Грчките монаси од Света Гора не го прифаќаат Договорот од Преспа

1137

Света Гора смета дека признавањето на македонскиот јазик и македонската националност од страна на грчката држава е „непочитување на историјата и вистината и предавство на националната свест на хеленизмот“.

По повод решавањето на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција, Светата заедница на Света Гора излезе со соопштение во кое вели дека за нив Договорот не е прифатлив.

– Како монаси од Света Гора, пренесувачи и чувари на над илјадагодишната историска, духовна и културна традиција и наследство, не можеме да прифатиме отстапување на македонски идентитет за јазик и нација што немаат никаква врска со античкиот грчки македонски дијалект и грчката припадност на античките Македонци, соопштуваат од Светата заедница на Света Гора во однос на договорот од Преспа

Монасите велат дека не е можно грчката држава да усвои обрзувачки меѓународен договор што не е прифатен од огромното мнозинство на народот и ги повикуваат грчката Влада и грчкиот Парламент „да ги почитуваат волјата на грчкиот народ и историската вистина“.

Велат дека не можат да сфатат, како е можно грчките политичари со универзитетски дипломи, меѓу нив и универзитетски професори „да го потпишат отстапувањето на македонскиот јазик и државјанство на народ кој докажано, во најголем дел има словенско јазично и национално потекло“.

Во соопштението кое го објавија грчките медиуми, потпишаните претставници на 20 манастири од Света Гора велат дека секако како христијани, тие треба да се стремат кон „обединетост на целото православие, решавање на расколот и избегнување на јадра за религиозни и етнички фанатизам и омраза“ и дека е потребно и пожелно решавање на спорот со името. Како пример ги споменуваат верниците од нашата држава кои во голем број секоја година ја посетуваат Света Гора во потрага по духовен мир.

Сепак, додаваат дека не е можно во има на овие придобивки решавањето на проблемот да биде преку „брза, нетранспарентна и кратка процедура со прифаќање позиции спротивни на научната вистина, историската реалност и историското сеќавање, на начин кој ја навредува националната свест на грчкиот народ“.

– Нека Пресвета Богородица, заштитникот на Света Гора, ја осветли власта за да ја сфати нејзината грешка, да ја исправи и да постигне договор, кој ќе ја почитува вистината и ќе биде основа за единство и мирен соживот на двата народа со иста вера, во рамките на нашата православна црква, пишуваат на крајот од соопштението, претставниците на 20-те манастири од Света Гора, пренесува МИА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...