ПИСМА ОД ЛОНДОН – Еуинато, Јудеја и Римјаните

Многу малку коментари имаше во медиумите што се обидуваа да објаснат, или да се спротистават на нормален и, мора да кажам, цивилизиран начин. Оние што се обидуваа, доживеаја многу јад, чемер, омраза, клетви, простотилаци, црнотилаци и неарни работи, од луѓе што ги мислев(ме) за арни и умни и разбрани.

655

Деновиве мора да сте на друга планета, а не ви пали веќе она „мене не ме интересира политика“, ако не знаете што се случува во татковината. Без разлика дали сте ептен дијаспора, дијаспора или малку дијаспора. Дојдени на кратко (фризер, козметичар, масажа, заби), дојдени за годишнина од матура, крштевка, свадба, да си најдете невеста, момче од дома, да ги дигнете ролетните од куќата и да ги протресете килимите и јамболиите и да го запалите каминот или семејното огниште колку да ви мине меракот, плус вртење скара и оро како дел од фолклорот. Она три напред, две назад, најсигурно е, а за поамбициозните, пајдушкото, кои гордо исправени го играат најискусните, а на крајот, на „опашката“, се влечат почетниците и малите деца како распашана команда… И дијаспорците, со здружени сили, се вклучија во колективната дискусија, се разбира, или разбира се, за името.

Чемер и јад

И веднаш да кажам, нема никаква разлика помеѓу ставовите и мислењата на извесен дел од тие таму и оние тука, и ние ни таму ни тука. Најбенигниот коментар што го слушнав беше дека откако се предложи и усвои ( во парламентот) Република Северна Македонија, времето заладило, ама од друга страна да било Јужна, суша и камили ќе шетале, така што… Многу малку коментари имаше во медиумите кои се обидуваа да објаснат, или да се спротистават на нормален и, мора да кажам, цивилизиран начин.
Оние што се обидуваа, доживеаја многу јад, чемер, омраза, клетви, простотилаци, црнотилаци и неарни работи, од луѓе што ги мислев(ме) за арни и умни и разбрани… Што сè не се изговори и напиша, да остане човек стаписан и да не знае како да коментира. Малкумина храбри и доблесни се обидуваа да објаснуваат и да бидат трпеливи и да им одговараат на оние, од наивни и неуки, до злобни и најблаго речено невкусни коментари (Ида), дека е добро да се биде во добро друштво или со многу трпение да прашуваат и да се обидат да се разберат со хистерични пријател(ки) кои им се закануваа со блок ако не мислат како нив – „го продадоа проклети да се“ (Соња) – но главно безуспешно.

Но, во секој случај, нивната упорност и учтивост, како и одмереноста и аргументираноста, е за секоја почит. Читав коментари на социјални медиуми, па настрана оние најцрните работи, со кои треба да се занимаваат стручни лица, ми остава впечаток тоа што добар дел луѓе прашуваа – па што ќе ѝ е ЕУ на Македонија и што ќе ѝ е НАТО? Една госпоѓа го промовираше зборот „еуинато“, па тоа зема замав – што ќе ни е еуинато? Што би добиле ние од нив? Што ќе ни е тоа друштво?

Што направија Римјаните за јудејците?

И така, и тие таму и тука, ме потсетија на разговорот помеѓу претставниците на Народниот фронт на Јудеја и Јудејскиот народен фронт од култниот Монтипајтоновски „Животот на Брајан“.

Па што направиле некогаш Римјаните за нас, освен што ни зеле сè, го прашува Реџ, колегата бунтовник Ксексес. И што ни дале за возврат? Ништо. Па не е баш ништо, вели командосот број еден, ни го дале аквадуктот. Е да, вели Реџ, аквадуктот, признавам, аквадуктот, ама тоа е сè. И канализацијата, вели командосот број три. Е добро, аквадуктот и канализацијата. И патиштата, се вклучува Лорета. Но, покрај аквадуктот, канализацијата и патиштата, набројува Реџ, ништо друго нели… Имиграција. Образование. Медицина. Вино. Јавни бањи. Јавна безбедност, редат командостите наизменично.

Реџ станува веќе евидентно збунет. Е добро, освен санитарните јазли, медицината, образованието, виното, јавната безбедност, наводнувањето, патиштата системот за свежа вода, јавното здравство – што друго имаат Римјаните направено за нас?
Бам – бам – бам… Ни донесоа мир.

И после нека каже некој дека Римјаните ништо не направиле за Јудејците. И за оние од Народниот фронт на Јудеја и за Јудејскиот народен фронт. Односно за Британците. Односно, нека каже некој дека не е важно со кого си во друштво. Ама знаеме сите. Само некогаш треба некој да ни објасни или да не потсети малку.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...