Советот на град Скопје донесе одлука согласно која предвидовме од оваа сезона на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“ да се означат места и за паркирање на мотори и моторцикли, изјави денеска за МИА градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Како што најави, сезонава паркирањето на тие паркинг места ќе биде бесплатно.
– Целта е да создадеме навика кај возачите на мотори своите возила да ги паркираат соодветно на означените паркинг места. Откако ќе се создадат навики и ќе се изгради култура за правилно паркирање на моторите, веќе од следната сезона предвидено е да почне да се наплаќа паркинг услугата и за моторите – рече Шилегов.
На територијата на Скопје досега никаде не беше предвиден паркинг простор за паркирање мотори што, посочи скопскиот градоначалник, создаваше дополнителен хаос во паркирањето. На отворените паркинзи моторите зафаќаа паркинг места за цело возило и при тоа услугата за паркингот не беше наплаќана. Во недостаток на паркинг простор моторите често можевме да ги забележиме паркирани на тротоарите, улиците, пешачките зони и други јавни површини при што беше отежнато движењето во сообраќајот, наведе Шилегов, појаснувајќи ја потребата за воведување ред и во мото сообраќајот во Скопје.