Претседателот на Граѓанско демократската унија, Петар Колев, се обрати на дебатата „Западен Балкан во ЕУ и улогата на Република Бугарија во регионот“ што се одржа во Софија, Бугарија.
Тој се заблагодари на позитивното бугарско претседавање со ЕУ и ѝ честиташе на бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева за, како што рече, напорот што го вложила да ги убеди нејзините колеги, не само Македонија, туку целиот регион да добие јасна и недвосмислена европска перспектива.
– Македонија помина низ еден навистина тежок политички период, исполнет со кризи, корупциски скандали, период во кој претходната влада на Никола Груевски сѐ повеќе ја оддалечуваше Македонија од евроатлантските интеграции. Македонското општество и македонските граѓани очекуваат и заслужуваат сериозен и добронамерен пристап од политичките субјекти во решавањето на прашања кои се од витален интерес на земјата. Актуелната македонска влада заслужува охрабрување и насочување во релативизирањето на одредени прашања. Како на пример потпишувањето на Спогодбата со Република Бугарија или Договорот со Република Грција. Ова разбирливо се чувствителни прашања во Македонија и затоа е важен позитивниот сигнал од ЕУ и од нејзините институции, се разбира и од Европскиот парламент. Во Македонија има хибридна војна, обиди за дестабилизација кои понекогаш доаѓаат од стари политички партии, кои вложуваат многу енергија во поттикнување на евроскептицизам. Затоа апелирам до вас, продолжите да работите со Република Македонија, поттикнувајте ја, охрабрувајте ја до нејзината интеграција во НАТО и ЕУ – рече Колев.
Тој додаде дека од македонските власти очекува видливи резултати на полето на владеењето на правото и реформите во правосудството.