Вкупно 6.676.000 денари се непокриените расходи на сите 11 политички партии кои учествувале во кампањата за предвремените парламентарни избори во 2016 година, покажала ревизијата. Најголем дел од расходите, 75,32 отсто се за платено политичко рекламирање.
Како што рече денеска на прес-конференција Мијалче Дургутов, ревизор задолжен за информирање во Државниот завод за ревизија, вкупните приходи на партиите во кампањата биле 228.912.000 денари, а вкупните расходи 235.588.000 денари.
Согласно извештајот на ДЗР за 2017 година што го презентира Дургутов, ревидирани се 258 милијарди и 840 милиони денари јавни приходи и 106 милијарди и 671 милиони јавни расходи. Во делот на јавните набавки се констатирани 63 наоди кои се однесуваат на нерегуларности.
Дургутов за детали околу извештајот упати на интернет страницата на ДЗР каде тој ќе биде објавен, првпат, како што нагласи, на три јазици – македонски, албански и англиски.