Премиерот Зоран Заев имаше работен појадок со полскиот премиер Матеус Моравјецки, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
По работниот појадок на владините делегации на двете држави, премиерите Заев и Моравјецки имаа изјави за медиумите.
Полскиот премиер изрази поддршка на македонските евро-атлантски интеграции. Тој честиташе за постигнатиот договор со Грција, што, како што рече отвора можности да почнат разговори за вклучување на Македонија во ЕУ. Тој додаде дека Полска ја поддржува Македонија и во НАТО интеграциите, што, како што рече, ќе биде добро и за безбедноста во овој дел од Европа.
Заев во изјавата прво, во име на граѓаните и Владата на РМ, ја честиташе 100-годишнината од враќањето на независноста на Република Полска, што земјата ја одбележува оваа година.
– Сакам да се заблагодарам на премиерот Моравјецки, Владата на Полска и граѓаните на Полска, за драгоцената поддршка на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, во клучните моменти кога тоа беше потребно за нашите граѓани, рече Заев.
Тој истакна дека поддршката од Полска за преговори за пристапување кон ЕУ и покана за членство во НАТО, посебно по историскиот договор што го постигнавме со Грција, е многу значајна за Македонија, ако се земе предвид оти доаѓа во моменти пред Советот на ЕУ, на кој земјава очекува да се потврдат позитивните вести за започнување на преговори со ЕУ.
Одлуката за отворање пристапни преговори на Македонија со ЕУ и покана од Алијансата за влез на Македонија во НАТО, значи поголема безбедност и стабилност на целиот регион на Западен Балкан, но и на Европа и на светот, оцени Заев.
Според него, добрите вести за отворените евро-атлантски интеграции на Република Македонија, се силна порака и до земјите од регионот, дека реформските политики и определеноста кон затворање на билатералните прашања се препознава и вреднува од ЕУ и НАТО.
– Со тоа, имаме и силен мотив да се опстои на патот на демократските процеси што единствено водат кон мирен и просперитетен свет – рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека „за Македонија и за регионот, евро-атлантските интеграции значат и економски развој“.
– Со извесноста на интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ, бројот на заинтересирани странски инвеститори секојдневно расте, а мотивирано е и домашното стопанство дополнително да вложува, за што како Влада даваме силна поддршка – рече премиерот.
Заев посочи дека му соопштил на премиерот Моравјецки дека Владата на Република Македонија е насочена кон подобрување на деловната клима и работните услови, и поддршка, подеднакво за домашните и странските компании.
– И во таа насока сакаме да ја продлабочиме економската соработка со Полска, којашто, гледано низ порастот на трговската размена, бележи позитивни поместувања и дава шанси за поголеми економски успеси – рече премиерот Заев.
Тој посочи на можност за соработка во делот на производство електрични автобуси и трактори, како и опрема за одбраната на АРМ.
– Воспоставувањето директна авиолинија Скопје-Варшава-Скопје, од 1 јуни, шест дена во неделата придонесува за поинтензивна економска, туристичка и други видови соработка.
На работниот појадок беше разговарано поконкретно за зголемување на трговијата, за развој на економските односи, за поблиска соработка во одбраната, како и во други области од интерес за граѓаните на двете држави.
Македонија има искрени пријатели во Европа, Полска е еден од најголемите пријатели на нашата држава, за што благодариме, рече и на работниот појадок и во изјавата премиерот Заев, на неговиот полски колега Моравјецки.