Кабинет на Иванов: Како може министер без ресор да му наложува на претседателот?

За мерките што ги бара Поповски веќе постојат механизми во Република Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо, велат од Кабинетот на Иванов. 

1846

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“ одговори Кабинетот по барањето на СДСМ Иванов да ја прифати алатката за транспарентност.

„Претседателот Иванов до сега ги почитувал и во целост ги исполнувал пропишаните законски регулативи.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и понатаму, како и досега, ќе продолжи со транспарентно и отчетно раководење со доверениот буџет, што го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

За нас е нејасно на кој начин може г. Роберт Поповски, министер без ресор, да наложува и бара од институцијата Кабинет на Претседател на Република Македонија да прифати вакви мерки, за кои веќе постојат механизми во Република Македонија, освен ако не се работи за популизам, што за Кабинетот на Претседателот е неприфатливо. Сметаме дека сè што треба да се направи е да се почитуваат и спроведуваат постоечките прописи“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Иванов.

Оттаму упатуваат на извештајот на Центарот за економски анализи http://cea.org.mk/wp-content/uploads/2018/06/CEA-3-6-9-i-Blueprint-Monitoring-public-finances-za-9-meseci-FINAL.pdf каде цитираат дека се посочува оти „софтверската алатка не функционира и нема никакви податоци после 2017 година, со што индикативно е дека фискалната транспарентност е под ризик и дека е сфатена палијативно и кампањски, а не како трајна определба како ефикасна алатка кон поголема отчетност од именуваните и избраните функционери“.

„Од друга страна, јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата со Грција“, сметаат од Кабинетот.

– Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор – изјави претседателот Иванов на 13 јуни 2018 година во обраќање до нацијата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...