„Бастион“ ги кани градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ – Српче на утринска чајанка, откако Општина Центар им ја урна терасата, со образложение дека е дивоградба.
– На Утринската Чајанка покрај топол чај и кафе, ќе имате можност да слушате македонска евергрин музика и стари скопски хитови. Покрај утринската забава, ќе презентираме документација која се однесува на последното незаконско и крајно селективно рушење на дел од популарните скопски објекти од страна на угостителите и сопствениците на објектите. На утринската чајанка како специјален гостин е поканет и Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ – Српче.
Градоначалникот на Оптшина Центар ќе има можност да ги презентира сите потребни документи за рушење на дел од терасите на култните објекти, а и да ја презентира визијата на Општината, како во наредниот период ќе се развива централното градско подрачје, а се со цел привлекување на домашни и странски гости и туристи по примерот на центарот од светските метрополи…
По кратката утринска чајанка, заедно со Градоначалникот ќе се упатиме по улицата Аминта Трети за да ги презентираме убавнините на центарот на Општина Центар, а посебен акцент ќе ставиме и на дел од останатите објекти и нивните летни тераси…
Во очекување на фина скопска дружба во најцентарската Општина, соопшти тимот на „Бастион“.