Македонија со владата на Зоран Заев продолжува да биде надвор од патот на Европската Унија, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што впрочем ветуваа Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат целосно критериумите за определување датум за преговори. Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано. Македонија со Зоран Заев доби штетен и капитулантски договор за смена на името, но не и почеток на преговори со Европската Унија и тоа веднаш – рече Мицкоски.
Тој вели дека пристапувањето кон Европската Унија е работа на мерит систем, односно се вреднува сработеното, а не по работите кои ќе се пропуштат или тргуваат.
– ВМРО-ДПМНЕ ја даде целосно поддршката за системските закони кои беа од значење за европската интеграција на државата, и кога станува збор за европската перспектива ќе продолжиме конструктивно да делуваме, затоа што тоа го прави одговорна опозиција и затоа што ние сме поразлични од сѐ она што порано го правеше СДСМ. Но главната домашна задача е во рацете на Зоран Заев и владата. Неуспехот во исполнување на планот 3-6-9 нема да може да се покрие со капитулантскиот договор на Зоран Заев кои ние никако и никогаш нема да го поддржиме – додаде тој.
Мицкоски порача дека се потребни суштински и коренити реформи и дека власта треба да се фати за работа.
– Она што Македонија го доби со извештајот е следниот јуни, следната година, повторно да се направи преоценка за состојбите и сѐ останато е шарена лага. И единствената надеж е можеби поразличната одлука на Европскиот совет до петок, иако морам да кажам дека шансите се повеќе сведени на теории – додаде тој.