Во сенка на десетчасовната трка за компромис меѓу земјите членки на ЕУ вчера во Луксембург останаа напорите на оној кој ја „спаси“ целата работа – министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн.
Околу пет часот попладне вчера, по напорни разговори, кавги, кревања глас и многу фрустрации, соочени со неможноста да постигнат договор за текстот за преговори со Македонија и Албанија, министрите за надворешни се подготвуваа да се откажат од секакви заклучоци за проширувањето, и да преминат на следните досиеја: Полска и Брегзит, кои чекаа на ред, а прашањето да им биде испратено или на лидерите на Европскиот совет на 28 јуни за политичка дискусија, или на некој следен Совет за општи работи, во јули или септември.
– Ако не успеавме ние вчера да најдеме компромис, како ќе успееја во тоа лидерите на Самитот – прашува Аселборн.
Франција и Холандија, и до некаде Данска, не попуштаа за датум, меѓувладина конференција, а еден од најжестоките камења на сопнување, како што е често во ЕУ, беа формулациите и зборовите. Пред сѐ, дали во текстот да стои зборот „одлучи“, односно „Советот одлучи да има отворање на преговорите“.
Германскиот министер Михаел Рот го напушти состанокот токму некаде после пет часот, довикувајќи дека дискусиите за Македонија се „разочарувачки“, соочен со непопустливоста на Франција.
Но, тоа беше пред да знае дека Луксембуржанецот Аселборн, кој е министер од 2004 и добар познавач на европските методи на преговарање, ќе се обиде да даде „последна шанса“ за изнаоѓање компромис.
– Знаете, морам да внимавам, не смее да се зборува за тоа што се случувало внатре на состаноците, но ајде – вели Аселборн во телефонско интервју за МИА.
– Си реков дека не можеме да го повториме она што се случи во 2016, тогаш немавме заклучоци. Кои би биле последиците? За вашата влада, но и за грчката влада. Реков дека вашата земја е кандидат за членство од 2005, и дека сме на чекор да се реши спорот за името. За Албанија, дека ситуацијата е многу поразлична од пред 7, 8 години, таму имаше мртви на изборите порано, сега е подобрена и културата помеѓу опозицијата и власта – вели Аселборн.
Не станува збор, наведува министерот, за бесплатен билет за двете земји, туку охрабрување да останат на добриот пат на реформите, дека ЕУ ги охрабрува и придружува.
Аселборн во обид да ги избалансира сите ставови потоа порачал дека до реалното отворање на преговори, во Македонија ќе биде направен „скринингот“ (чешлање на законодавството со цел подготовка на земјата за старт на преговори), дека ќе бидат поминати европските избори во јуни, така што може да се оди кон меѓувладина конференција, доколу условите се исполнети.
Во текстот стои дека „се отвора патот кон пристапни преговори“ во јуни 2019, и штом таа одлука е одобрена може брзо потоа да се свика првата меѓувладина конференција. Меѓувладините конференции се телата на кои се отвораат поглавјата за преговарање во текот на целиот процес.
– И потоа, се случи тоа околу зборот „одлучува“. Им реков: ако одлучам да одам на железничка станица, нема да кажам „одлучив да одам на железничка станица“, туку одам на железничката станица – вели Аселборн.
И така, вчера, со малку креативност и флексибилност се реши Гордиевиот јазол за формулацијата на отворањето преговори за Македонија, во која од една страна Франција ја има сатисфакцијата датумот за преговори да биде после европските избори, а дотогаш да може да се огради од „одлучување“ да отвори преговори, иако формулација каква што е во заклучоците, односно „се согласува да одговори позитивно“ всушност значи исто што и одлучува. Така, впрочем, со децении се одвиваат работите во преговорите во Советите на ЕУ, околу нијансите на формулациите и искористени зборови, нешто кое Аселборн добро го познава.
Аселборн открива и уште една мала тајна, дека се слушнал со македонскиот министер за надворешни работи вчера, кој му се заблагодарил на Луксембуржанецот за напорите и за изнајдениот компромис, иако признал дека „не е идеален“. Но, европските компромиси ретко кога се идеални.
Останува дека формулацијата остави горчлив вкус во дел од македонската јавност.
Дали вгодина министрите би можеле да ја приредат истата претстава кога ќе треба и конкретно да започнат преговорите? Аселборн е одлучен:
– Не, за ова сум одлучен, ова што го направивме е волја да се оди напред и не можам ни да замислам да ја имаме истава дебата следната година. Да не шпекулираме, сега сме на правиот пат, ова е премногу чувствително, и премногу важно, и треба да ја задржиме смиреноста и кај вас и во ЕУ – вели Аселборн за МИА.
По напорните преговори вчера, Аселборн добил и аплауз, „дури и од унгарскиот колега“, раскажува министерот за МИА низ смеа, „а не сме баш секогаш пријатели“, додава тој. И со причина: Аселборн е единствениот европски министер на функција кој отворено има побарано да се суспендира правото на гласање на Унгарија во ЕУ поради прекршување на демократските стандарди.
За крај го прашавме Аселборн дали во кој било момент се разгледувала вчера можноста Македонија и Албанија да бидат одвоени, како што сугерираа неколку пати дипломатите во ЕУ.
– Не, мораме да ги задржиме заедно, вчера тенденцијата беше дека не треба да се двојат, а и зошто ме прашувате сега? Што и да ви одговорам сега нема смисла, помина веќе – вели Аселборн.
Компромисот постигнат вчера, иако не е идеален, е доказ дека ЕУ сепак не се откажува од регионот, и дека и покрај отпорите на некои земји членки во одредени периоди, консензусот за европската перспектива на Западниот Балкан е жива, иако можеби некогаш доцни, тоа е ставот кој преовладува во Брисел ден по овој напорен министерски совет.
– Сега сме на пат, фокусирајте се на вашата земја – препорачува луксембуршкиот ветеран.
На крајот на краиштата, вели, реформите се пред сѐ за земјата и за нејзините граѓани.