Без документи, нелегално Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ денеска среде работно време ни ја срушија терасата, обвинуваат од познатиот скопски кафе-бар „Бастион“.
Од „Бастион“ тврдат дека фирмата има дозвола за терасата издадена од Град Скопје, а дека Општината ја урива насилно со налог кој е на име на физичко лице, а не на фирмата-сопственик на барот.
„Кафе барот ‘Бастион’ кој вработува повеќе од 30 лица, кој е еден од најпосетуваните туристички и угостителски објекти во градот веќе неколку пати, а во интерес на севкупната угосителска понуда во Општината се обидуваше да најде взаемно решение со градоначалникот на Општина Центар, но за жал, нашите напори беа залудни. Очигледно, на градоначалникот Богдановиќ, му беа потребни спектакли за да покаже дека нешто работи, па среде работно време пред туристи и гости се одлучи да покаже сила и моќ, а пред граѓаните на Општината дека работи во нивен интерес, иако со интервенцијата ги погази сите документи кои истата ги има донесено“, пишува во дописот кој го испратија од „Бастион“ до медиумите.
Оттаму го обвинуваат градоначалникот дека нема визија и одговорност за заедиштвото, па почнува со лични пресметки. Од барот прашуваат зошто Општина Центар не обезбеди налог за рушење на име на „Бастион“, зошто се руши во работно време и не може ли Богдановиќ да најде време и да седне на маса со нив да разговара.
„Дали е точно дека Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ има стан во објектот каде што се наоѓа кафе барот ‘Бастион’? Дали има визија и план за наредниве 20 години (како што ветуваше) како да изгледа центарот на градот и има ли идеја како да ја збогати туристичката и угостителска понуда во градот? Има ли план како да ја промовира улицата Аминта Трети (како што ветуваше)?“, прашуваат од „Бастион“.
До градоначалникот тие адресираат уште неколку прашања, меѓу кои и тие дали Општината останува на замислата да го унапреди туризмот и угостителството и дали тој знае колкави се приходите кои влегуваат општинската каса само од објектите на улицата Аминта Трети?
Ако Богдановиќ не најде време помеѓу две рушења да седне со угостителите и да разговара, тие велат дека самите ќе ги обелоденат одговорите во јавноста.