Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска го прими во проштална посета амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет.
Во оваа пригода Димитров ја истакна значајната улога на амбасадорот Гарет во развивањето на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство. Тој нагласи дека неговата професионалност и лична посветеност беа од исклучително значење за унапредување на соработката во различни области, од највисоките политички прашања како што се ЕУ и НАТО интеграцијата, па сѐ до поддршка на реформите во македонската администрација, образованието, во правосудниот систем, демократијата и социјалната кохезија, како и реформи во безбедносниот систем.
Истакнувајќи дека Македонија длабоко ја цени поддршката од британската Влада и од сите политички актери во земјата, Димитров се заблагодари за искреното пријателство и посветениот ангажман на амбасадорот Гарет за време на неговиот четиригодишен мандат во Скопје.
– Чарлс е исклучителен дипломат и личност, кој не се плаши работите да ги нарече со своето вистинско име. Ни давеше добронамерни совети во периодите на политички премрежја, силно верувајќи во принципите на демократијата, владеењето на правото и транспарентноста. Ти благодариме за сѐ Чарлс! – рече Димитров.
Посакувајќи му среќа и успех во натамошната дипломатска кариера, Димитров истакна дека, иако со тешко срце испраќа драг пријател на Македонија, се надева дека Обединетото Кралство ќе продолжи да биде силен поддржувач на Македонија во нашите стратешки евро-атлантски определби.
Димитров му врачи благодарница на амбасадорот Гарет за неговата неуморна работа во промовирање на британско-македонското пријателство и соработката меѓу двете земји.