Сузана Велковска: Правото не треба да е „затворено“ во судниците

Надомест од 60.000 евра како отштета за 16-годишно момче на кое на 8 години му била ампутирана раката поради лекарска грешка, пресуда за 10.000 евра надомест на штета за 20-годишна родилка од Битола која не можела да го погребе починатото бебе затоа што го отстраниле како медицински отпад, се дел од правните успеси на оваа Програма на ФООМ.

422

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во годината кога ја одбележува 25-годишнината од своето постоење во земјава ги интензивира активностите од програмата за правно зајакнување на граѓаните. Преку оваа програма, ФООМ ги едицура граѓаните, особено припадниците на маргинализираните заедници, за нивните права и за начините на кои може да ги остварат. За придобивките од оваа програма, но и за сознанијата до кои дојде ФООМ при нејзиното спроведување разговаравме со Сузана Велковска, програмска координаторка во Фондацијата.

Фондацијата Отворено општество – Македонија неодамна промовираше нова веб-страница www.pravnozajakni.mk со корисни информации поврзани со правата на секој граѓанин и начините на кои тој може да ги оствари. Која е потребата од промовирање на ваква страница и каков е интересот досега?

– Потребата за креирање ваква страница произлезе од наодите добиени од неколку истражувања за правните потреби на општата популација во РМ, правните потреби на неколку специфични маргинализирани групи со кои работи Фондацијата, како што се Ромите, луѓето кои користат дроги и сексуалните работници, како и анализата за придобивките наспроти трошоците за обезбедување три постојни модалитети за правна помош и услуги во Македонија.

Резултатите од овие истражувања покажаа дека граѓаните најчесто не се информирани за своите права и не знаат каде да се обратат за нивно решавање. Секој втор граѓанин во нашава земја се соочил со барем еден правен проблем, додека, за споредба, овој процент е многу повисок кај ромската заедница каде што 70 отсто од испитаниците се соочиле со барем еден важен правен проблем. Процентот е уште повисок кај луѓето кои користат дроги и сексуалните работници. Имено 98,2 отсто од лицата кои инјектираат дроги и 96,3 отсто од сексуалните работници се соочиле со правен проблем. Ова се, секако само еден дел од наодите. Токму на новата веб-страница www.pravnozajakni.mk, сите заинтересирани можат да добијат многу повеќе информации, како за истражувањата, така и за останатите аспекти на концептот за правно зајакнување. Опфатени се совети и информации за најчестите правни проблеми со кои се соочуваат граѓаните и маргинализираните групи согласно добиените резултати од истражувањата. Веб-страницата секојдневно ќе се ажурира со цел да стане извор на информации за граѓаните, за здруженијата кои работат на правно зајакнување, но и да ги доближи концептите до институциите. Целта на оваа страница е и донесувачите на одлуки на национално и локално ниво да се запознаат со правното зајакнување и да се влијае на истите да се обврзат да го вклучат пристапот до правда во своите политики и надлежности, како и да се добие нивната поширока поддршка за правните услуги во заедниците.

Промовирањето на страницата е дел од активностите во заедничката рамка за правно зајакнување на граѓаните. Колку нашите граѓани ги знаат своите права и колку се информирани за институциите и организациите кои може да им помогнат во нивната битка за остварување на правдата?

– За граѓаните, најчеста асоцијација за правото и правните проблеми е институција и скапа и долготрајна постапка која би ја воделе пред надлежна институција. Нашата цел е да им помогнеме на граѓаните сами да можат да ги идентификуваат правните проблеми со кои се соочуваат секојдневно и да ги информираме каде да се обратат за нивно решавање. Потребно е граѓаните да бидат правно зајакнати и да бидат запознаени со своите основни права и начините како истите да ги остварат.

Резултатите од спроведеното истражување за јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош покажаа дека дури 67 отсто од испитаниците не се запознаени со бесплатната правна помош и не знаат на кој начин може да го остварат ова право. Оттука, видлива е потребата за едукација и информирање на граѓаните, за што веруваме дека ќе послужи www.pravnozajakni.mk. Кампањата за промоција на веб-страницата започна пред помалку од 2 недели и рано е за да располагаме со конкретни бројки за интересот на граѓаните. Сепак, според досега пристигнатите коментари и прашања веруваме дека до крајот на кампањата интересот кај граѓаните ќе биде голем бидејќи на оваа страница на многу едноставен начин можат да пристапат до адресарот на здруженија кои работат на правно зајакнување и може да се обратат за совет, информација и понатамошно насочување кон некоја релевантна институција.

Досегашната практика на ФООМ покажува дека граѓаните генерално ја препознаваат само бесплатната правна помош како единствен облик за пристап до правда. Се менуваат ли работите на ова поле и на што се должи тоа?

– Работејќи првенствено на модели за правни услуги базирани во заедницата кои комбинираат правници и не-правници за решавање на индивидуалните и проблемите на заедницата, ФООМ ги поддржува следните модели за пристап до правда: обезбедување бесплатна правна помош (5 овластени здруженија за обезбедување бесплатна правна помош); обезбедување правна и параправна помош за маргинализирани заедници (Роми, луѓе кои користат дроги, сексуални работници и текстилни работнички) и правната клиника (интерактивен метод на едукација на студенти на Правниот факултет при УКИМ). Правното зајакнување опфаќа широк опсег на активности, од правна писменост и помош, до медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување. Нашите заложби ќе се фокусираат на зајакнување на давањето услуги, паралелно со унапредување на системските реформи во интерес на сиромашните и маргинализираните групи граѓани.

Во 2016 година, Фондациите Отворено општество започнаа со заложба за институционализација на основните правни услуги на национално ниво за тие да бидат достапни дури и за најмаргинализираните групи. Каква е ситуацијата на овој план во Македонија?

– Пред 2016 година, години наназад, Фондацијата Отворено општество – Македонија се залага за подобрување на пристапот до правда за сиромашните и маргинализираните граѓани. Уште во 2010 година, правната програма на Фондацијата беше насочена кон поддршка на човековите права и имаше за цел да ја поддржи имплементацијата на тукушто усвоените механизми за заштита на човековите права, односно на Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за бесплатна правна помош.

Истовремено, во областа на здравството, Фондацијата поддржува граѓански организации кои работат на унапредување на здравствените права на маргинализираните заедници. Покрај следењето и документирањето на прекршувањата на правата, нашите грантисти ги започнуваат и првите неформални облици на правна помош, како што се параправните програми и „адвокатура на маргините“, преку кои, освен правни совети, обезбедуваат и судско застапување на стратешки случаи на прекршување на правата.

Со цел да ги продлабочи напорите за правно зајакнување, во 2016 година ФООМ се приклучи на глобалната иницијатива за правно зајакнување на Фондациите Отворено општество (ФОО) која е насочена кон институционализација на основните правни услуги на национално ниво за истите да бидат достапни дури и за најмаргинализираните групи, и тоа во дванаесет држави со ниски, средни и високи приходи (вакви заложби веќе се спроведуваат во Македонија, Молдавија, Монголија, Непал, Пакистан, Сиера Леоне, Јужна Африка, Украина, САД, Индонезија, Кенија и Албанија). Зад концептот за правно зајакнување стои основната идеја дека правото не треба да е „затворено“ во судниците, во правните книги или во адвокатските канцеларии, туку треба да е достапно за сите при што пристапот до правда има суштинско значење за квалитетот на животот. Тоа е она што се случува кога обичните луѓе, дури и најмаргинализираните, се способни сами да го користат правото за да најдат конкретни решенија за нивните секојдневни правни проблеми и да бараат отчетност од властите. Токму тоа лежи во основата на сите заложби на ФОО, преку решавање на асиметриите на моќ, кревање на гласот на луѓето и обезбедување конкретни начини за тие да ги менуваат нивните општества. Заложбите за правно зајакнување се засноваат врз растечкиот консензус дека правдата и развојот не можат тесноградо да се унапредуваат само со технички решенија, туку се поврзани со промена на односите на моќ. Нашиот приод се стреми кон искористување на универзалната цел на самото право: правото се креира така за да се применува за сите и ја задржува својата легитимност само доколку подеднакво ги ограничува и ги заштитува и моќните и ранливите. Оваа иницијатива има за цел институционализација на респонзивни, отчетни, кредибилни и финансиски сигурни системи што нудат правни услуги базирани во заедницата на национално ниво и/или на ниво на конкретни групи на население.

Многу од активностите во рамката за правно зајакнување се насочени кон маргинализираните групи на граѓани. Успеавте ли со нив да ја подобрите нивната состојба?

– Преку различните модалитети за пристап до правда и правно зајакнување, за одбележување се следните податоци: годишно се обезбедуваат повеќе од 2.000 правни услуги за сексуални работници и луѓето кои користат дроги; за период од 6 години обезбедена е правна и параправна помош за над 1.600 Роми во 8 ромски заедници со што им е помогнато да го остварат правото на здравје или социјални права. Преку стратешко застапување на случаи на прекршување на здравствените права на претставници на маргинализираните заедници се овозможува креирање на судска пракса – донесени се две позитивни пресуди (кривична и граѓанска), надомест од 60.000 евра и месечна рата од 3.000 денари како отштета за 16–годишно момче пораснато низ судниците затоа што на 8–годишна возраст му била ампутирана раката поради лекарска грешка; пресуда од Врховен суд за 10.000 евра надомест на штета за повреда на личните права на 20–годишна родилка од Битола која не можела да го погребе починатото бебе затоа што го отстраниле како медицински отпад; донесени се првите две позитивни пресуди, судски одлуки за правно признавање на родот и успешна промена на лични документи на транс луѓето; обезбедено е судско застапување за 22 лица кои користат дроги, 13 сексуални работници, 6 судски случаи за правно признавање на род, деца на сексуални работници – жртви на насилство и расна дискриминација и омраза кон транс лица. Освен тоа, за 4 години, обезбедена е бесплатна правна помош за повеќе од 3.600 граѓани.

Кои се идните предизвици на ФООМ во поглед на правното зајакнување?

– Целта на ФООМ и на граѓанските организации кои работат во оваа област е креирање сеопфатен систем за правно зајакнување поддржан од државата. Неопходно е да се креираат сеопфатни национални политики за правно зајакнување во кои, освен бесплатната правна помош која засега е единствен препознаен облик за пристап до правда, ќе бидат вклучени и поддржани и останатите облици на пристап до правда кои водат кон правно зајакнување на граѓаните, за да им се овозможи доволно знаење за самите да го решат проблемот со кој се соочуваат, односно да знаат каде да се обратат кога ќе идентификуваат правен проблем. Притоа, од особена важност е целиот процес да се заснова на партнерство меѓу претставниците на релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации, обезбедувачите на правна и параправна помош, со цел заеднички да работат на процесот на институционализација на правното зајакнување и унапредување на финансирањето на различните форми на обезбедување на пристап до правда за потребите на маргинализираните заедници на локално и национално ниво. Обезбедувањето на еднаков пристап до правда станува сѐ поприсутна заложба и во рамките на Отвореното Владино партнерство на глобално ниво, а во моментов, работиме на тоа пристапот до правда да стане дел и од Акцискиот план за Отворено Владино партнерство на РМ кој е во подготовка.

Исто така, пристапот до правда е важен сегмент од Глобалната развојна цел 16.3 во рамките на целите за одржлив развој на Обединетите Нации и предвидуваат конкретни мерки за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени на светско ниво. Во тој контекст, нашата Фондација ја поддржува работата на преточувањето на оваа цел на национално ниво. Предизвик во моментот е и новиот Закон за бесплатна правна помош чија цел е да овозможи што е можно поголем број маргинализирани граѓани да го остварат своето право на бесплатна правна помош. Веруваме дека во заедничка соработка со Министерството за правда ќе биде креиран закон кој покрај обезбедувањето на услугата бесплатна правна помош, ќе овозможи едукација и правно зајакнување на граѓаните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...