Молитвата

Молитвата на Блаже Конески се издигнува високо, високо. Не ѝ требаат посредници во обраќањето кон Севишниот. И никако не може да се злоупотребува како сламка на спасот на оние што заглавиле во батаците што сами си ги направиле.

1294

На пристојна далечина сум од дома, така што можам да го почувствувам раатот на просторната дистанца, а и предимството на расудувањето со ладна глава. Макар што Гугл знае сѐ, па и кога не си дома, понекогаш си дома, особено ако ти е тоа толку важно. Тоа – да си дома.

Бладодарејќи му на Гугл (се вика ли уште „фала Богу“?) разбрав, ете, во туѓина дека еден бивш големец (има бааги бивши во една бивша република) посегнал по молитвата, ничија друга, туку онаа насловена од учителот наш Блаже Конески. Демек, штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам… Секој има право да си ја избира посоката на својот пат, ама невкусно е тоа да се прави на туѓа сметка, макар и со лижење на сопствената плуканица.

Убаво е, се разбира, кога во сивилото на политичкиот говор ќе светне како ѕвезда некој цитат од некоја песна, едноличноста (безличноста) на таквиот говор ќе збогати со поетски цвет, чијашто миризба е веднаш препознатлива. Тоа може да се сфати и како далечно, многу далечно навестување за враќањето на моќта на поезијата што од векутума века наваму само се рони, рони…

Во посегањето кон поетските цитати, секогаш, ама секогаш мора да се има пред очи дека стиховите не се пишуваат за злоупотреба. Што не значи дека нема (само)злоупотребени поети, ама тоа е веќе друга и долга приказна.

Овде и денес станува збор за обид стиховите на еден поетски (и не само поетски) великан, највисок врв, планински венец на нашиот творечки дух, да се злоупотребат во политички цели. Барем да се политички и да можат да се наречат цели. За такви богомолци, песната не може никаков спас да е.

Песната кажува сѐ, па и зошто треба да ја вардиме од недоветноста и неукоста.

Молитвата на Блаже Конески се издигнува високо, високо. Не ѝ требаат посредници во обраќањето кон Севишниот. И никако не може да се злоупотребува како сламка на спасот на оние што заглавиле во батаците што сами си ги направиле.

Ништо ново не се рекло ако се каже дека политиката, во својата блудничава забеганост, смета и на кусото паметење. Се укашкало нешто, ама поминало време, народецот се храни со „спинови“ (уште еден нашински, „оригинален“ збор) и окус-покус препарандус – не било ништо. А било.

Има во ова мало македонско парче од дуњава, има за среќа, такви кои се отпорни на спинови и паметат долго. Ги паметат и туѓите злодела и злопамтења. Паметат дека благодарејќи на нечии занеси по воинот на коњ, на пример, ние сме уште земја со кусок јавни тоалети, а со вишок на мочковци, со опроштение. И со уште поголем вишок на гладни, кои се сити само во статистичките монтировки. Тоа не се заборава. Воинот на коњ и други коњаници, а во земјата накотени магариња, кај и да се свртиш. Обидите сеќавањата да се бојадисуваат, со какви сакате бои, секогаш завршуваат така – сеќавањата, имено, не се бришат, ниту се префарбуваат. Фалсификатот не е верен на оригиналот. Кога-тогаш работите си доаѓаат на место, направениот арч си се плаќа. Со свест за праведност, како и со свест дека не спаѓа во духот на нашето историско паметење некому да му се ситиш кога е во неволја.

Врвен домет на еден друг, самонаречен поет е именувањето токму на Блажета Конески како „џуџето од Небрегово“. Тој, самонаречениот поет, е полуголемец, десна рака на големецот. Ист сој. Ни големецот, ни неговата десна рака, еднаш не зинаа барем да се извинат за тешката гнасотија. Луѓето кога се на власт забораваат што е тоа извинување, за многу силни и вечнотрајни се есапат. И се занимаваат со размножување на смотани бирократи и со прераскажување на приказни во кои нема луѓе.

Во една од струшките кампањи на партијата на чиешто чело подоцна дојде големецот имаше транспаренти со барања за „смрт на Блаже Конески“. Професорот сам си замина, со горчина во душата, не чекајќи ја пресудата на новопечените големци и полуголемци и други суртуци. Тие де, што го заборавија, го пречкртаа, како да не постоел. Само Господ знае зошто, зашто таквите ѓоа големци, самопрогласени и неуки „чувари на македонштината“ не можеа (и не сакаа) да го разберат влогот на Блаже Конески во опстојот на Македонецот од половината на дваесетиот век, па за навек и за сите векови. Азбука на македонскиот јазик, Граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, томови творештво за и на македонски јазик…

Ете зошто е важно да се разбере дека е можен поинаков свет, без вулгарно лицемерни големци. А тие – што понастрана од уметноста и уметниците, од Блаже Конески, особено.

Најнакрај, Блаже Конески и неговите приврзаници и следбеници, не се само во ризницата на највисоките дострели и гордите сеќавања на Македонците. И за нив кога се зборува, секогаш треба да се има на ум – идното време.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...