Созреани се условите за договор меѓу државата и приватниот сектор

Стопанските комори во соработка со надлежните општествени чинители можат да придонесат за поттикнување на економскиот раст и развој на државата, а нормирањето на взаемните односи значително ќе придонесе за постигнување на овие цели.

145

Стопанската комора на Македонија го покрена прашањето за потребата од склучување на договорот за уредување на односите помеѓу јавниот и приватниот сектор, во кој прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, од една страна, но и кои се обврските на приватниот сектор спрема државата, од друга страна, и како тие ќе се спроведуваат за да бидат ставени во функција на економскиот развој.

За да може успешно да се катализира комплексниот процес на достигнување повисоки стапки на економски раст, потребно е државата да ги артикулира интересите на сите заинтересирани субјекти од кои се очекува придонес за динамизирање на економскиот развој. Преку договорот со приватниот сектор, ќе бидат уредени значајните прашања кои претставуваат само еден сегмент од целокупната палета на институции со кои државата треба да ги уреди односите, наместо како досега, стихијно и инцидентно да се градат таквите односи и стратешките приоритети.

– Во моментов, кога веќе имаме и спроведени научно-истражувачки анализи кои ја покажаа значајната улога на приватниот сектор во македонското општество, неговото учество во бруто домашниот производ, огромните потенцијали за развој и незанемарливата улога во вработувањето, а имаме и воспоставена основа за градење на јавно-приватниот дијалог преку склучениот меморандум за соработка меѓу Владата и бизнис заедницата организирана преку стопанските комори во државата, сметаме дека се созреани условите за склучување на договор меѓу државата и приватниот сектор – посочуваат од Стопанската комора на Македонија.

Стопанските комори функционираат како деловно-стручни организации, кои настапуваат аргументирано и аналитички за прашања од непосреден интерес за тековното работење и за развојот на стопанството, работат на унапредувањето на работењето и развојот на фирмите, а преку тоа и на националните економии, работат на унапредување на меѓународната соработка, на квалитетот на производството, на научно-истражувачката работа, техничко-технолошкиот развој, стручното оспособување на кадрите и сл. Од овие причини, како организации кои најдиректно ги претставуваат бизнис-интересите на претприемачите, стопанските комори во соработка со надлежните општествени чинители можат да придонесат за поттикнување на економскиот раст и развој на државата, а нормирањето на взаемните односи значително ќе придонесе за постигнување на овие цели.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...