Зоки беше пијаница, бонвиван, дозирано грижлив за семејството, но со многу љубов кон нив. Пиеше заедно со Христијан, другар од детството и двајцата беа сценографија во кафеаната, ѓоа маалска, но со многу шмек – гравитација за пијаници – бонвивани, со вистинско кафеанско однесување.
Наизглед многу слични, нивните судбини беа коренито различни. Сите за Зоки велеа дека е човек со душа, разбирање, бескрајна добрина, човек кој решил, пред средбата со Бога, „да сѝ помине“. Кико, кој во ништо не се разликуваше од Зоки, не беше омилен во јавноста, за него владееше мислење дека е незгоден на пијанството, недоволно комуникативен, неискрено посветен на бонвиванството и доколичењето. Тоа беше чудно мислење, затоа што тој – кутриот, не направи ништо поразлично од Зоки. Работеа двајцата „на државно“, работата им беше „ќофте“ и сите во нивната институција беа навикнати дека од овие двајца можеш нешто да бараш до 10 часот, а потоа ги нема. Исто правеа, исто се однесуваа, ниту со некого се скараа, а ако се караа, заеднички го правеа. Дури и во иста музика уживаа: „Еј бре газда, батали тоа кавалите и гајдите и пушти староградско“.
Но, нивните сопруги беа „небо – земја“. Иако двете беа лични како моми, од иста социјална матрица, со слични момински судбини, карактерите им беа потполно различни. Едната, онаа на Зоки, бонвиванчењето на својот маж го имаше прифатено како начин на живот, го имаше вкалкулирано во нејзината агенда, грижа за семејството и јавниот имиџ, а пак другата, со навиките на својот маж беше во војна. Додека едната, од кафеана, го собираше Зоки со зборовите „кај си бре моја пијаницо“, додека со рацете му ја гмечеше фацата – како на свој љубовник, другата, како директор, кој чека вработениот да се довлечка во неговата канцеларија „на отчет“, со рацете на колковите, редеше причини, морални поуки и обвинувања за негрижа кон семејството, а додирот на својот маж ѝ се гадеше – додека е пијан или принапијан. Не дека не беше во право, но што ако си во право, но не функционира. Едната го најде начинот, другата – не.
Навистина, и двете семејните приходи ги надокнадуваа како знаеја и умееа, од водење книговодство „на црно“, до гребење кај своите добростоечки татковци. Ма и Цептер, ма и Лајонес, ма и козметики, кремови… тие ги играа сите игри. Ниту овие двајца многу не оскудуваа, оти струката сѝ ја знаеа „до коска“. И адвокати кај нив доаѓаа за совет, оти овие службениот весник „го обрстуваа“ во тие неколку часови на работа, како коза младо дрвце.
За вистина на волјата, ниту едниот, ниту другиот не можеше да ги сетиш дека се пијани. Крепеа ептен. Со време, Зоки остана ист, а Кико почна „да го фаќа“ пијачката, не заради пиењето, туку заради казната која дома го чека. Наместо забавата „до балчак“, наместо светот да им биде мезе – како порано, сега Зоки го трошеше пола од кафанското време во „исправање на Кико“ на правиот бонвивански пат, да не биде огорчен, да не удира многу рецка на жена сѝ, да продолжи да ужива, оти е животот сарма – некој месо, некој расол. Порано тие, како да читаш хумореска од подобри неделници, под нозе ставаа и новопечени директори и партиски морончишта, кои во кафеаната доаѓаа оти така треба – пошто добиле функција и новопечени богаташи – партиски тендераши, па се до „рогоњи“, „угичи“, „љаксе фаци со скапи џипови“ и „дами – наливен парфем“. Сега, атмосферата падна.
Навистина, иста работа секој ја гледа различно. Оваа на Зоки, иако би била посреќна пијанчењето на маж ѝ да престане, од тоа направи позитивна приказна, дека е жена на „газдата на кафаната“, на „главниот заебант“, „на личност, која пред никого не клекнува“, на „човек со стил“, на олдфешн балкански маж, кој додека пие – пие, а додека дупи – дупи, што почесто, тоа подобро… Другата одбра да покаже дека се бори со демоните на пијанството на својот маж, дека има семеен проблем, недостоен татко на своите деца, слаб љубовник…. Едната доби маж „бонвиван“, а другата „пијаница“. Едната го направи својот маж идол на своите деца, другата срам за нив. На едната ѝ завидуваа за совршениот балкански маж, другата ја жалеа дека има маж пијаница. Децата на првата се чувствуваа како „деца од заебан играч“, овие вториве се срамеа. Едните беа одликаши, другите едвај поминуваа и само заради тоа што беше доволно или Зоки или Кико да свртат телефон и сите кецови се претвораа во двојки и тројки. Веројатно, она што се случи подоцна сите го претчувствувате. Приказната не завршува среќно.
Законите на животот не признаваат глупирање, оти така сакаме. Пропагандата, како и саморекламирањето и „фурањето фазон“, помагаат на кратки патеки. На подолги не. Мудроста е она што приказната ја прави успешна или неуспешна. Некои сакаат, некои мораат. Некои мислат дека мораат, некои дека не мораат, некои мислат дека со борба ќе подобрат нешто, иако патуваат кон катастрофа.
Така е со животот, со политиката, па дури и со името на државичкава. Иста работа можеш да ја насочиш кон победа или кон катастрофа. Инаетењето не помага – животот е трениран силеџија, и кога ќе ти ја врзе една преку светила, ќе ги видиш сите ѕвезди, освен европските – оние на интеграцијата. Најбитно е дали сѝ посветен кон семејството, да го сакаш, па дури и да си пијаница.
Зоки и Кико не скапуваа по кафеани заради тоа што беа пијаници, туку за да го заштитат семејството и своите жени – од себе. Тие, и едниот и другиот, „правеа партал“ и со женски и со музика и со јавен живот и со партијата и со факултетски организации и со бизниси и со дебати, патувања, признанија… Тие беа надеж на генерацијата, но се повлекоа кога видоа каква багра презема сѐ, во тие рани деведесетти. И од една и од друга страна. Тие точно видоа во сопствената душа, дека се пци, освојувачи и дека местото им е со „новите комунисти“, но… Ним им беше толку лесно да манипулираат, да плетат приказни во тоа пресните организации на транзицијата. Тие можеа да бираат. И одбраа – не фала, одете без нас, за нас е ова многу ниско.
Затоа и зедоа добри п…и, со синдром на „приградска девојка“, да уживат во својот нов статус и општествена класа, а за возврат, да ги чуваат семејствата, додека овие тагуваат низ заебанции и мајмунлаци, што светот оди у курац, а ништо не може да сѐ стори, што нивните деца никогаш нема да ја видат радоста на забава без пари, испраќање на девојка – пешки, моменти во кои светот застанува и постоиш само ти и даровите од Бога, кои се секогаш бесплатни, тие слатки лаги, без кои животот нема многу смисол. Затоа што знаеја дека староста ќе ја поминат без своите дечиња, кои ќе се исселат, оти овде нема ништо за нив.
Тоа е Христијане, па ти гледај каде тоа нѐ доведе и тебе и сите нас. Биди Христијан, а не „својата жена“. Таа ти го продаде достоинството предвреме и нема да го купиш со трикови. Можеби одењето на „твојата сенка“ во затвор ќе те ослободи да ја смениш приказната. Којзнае?