Заев – Курц: Веруваме дека Макрон ќе донесе проевропска одлука ВИДЕО

337

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев имаше тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, по што следуваше работен ручек на владините делегации и заедничка прес-конференција.

На прес-конференцијата, канцеларот Курц го соопшти и јавно ставот со силната поддршка што Република Австрија и ја дава на Република Македонија за отворање претпристапни преговори со ЕУ.

Канцеларот Курц рече дека Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори. Тој најави дека Австрија ќе направи се што може, ЕУ Советот да донесе позитивна одлука за Македонија. Канцеларот Курц исто така ги повика граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум во нашата земја да го поддржат договорот со Грција, што ќе значи интеграции на Македонија.

Премиерот Заев се заблагодари за отворената поддршка од канцеларот Курц.

– Почитуван федерален канцелар на Република Австрија, Себастијан Курц,
почитувани граѓани на Република Австрија и Република Македонија,
почитувани медиуми,
Изразувам благодарност за топлиот и пријателски пречек на делегацијата на Владата на Република Македонија од Ваша страна канцеларе Курц и од страна на Владата на Република Австрија, како и за пораките на поддршка за Македонија што ни ги пренесовте на средбата и на работниот ручек.

Ова е доказ повеќе дека Македонија, во Австрија, има вистински, голем и искрен пријател, за што ви се заблагодарувам од име на граѓаните на мојата земја.
Од име на граѓаните на Република Македонија и ви ја честитам стогодишнината од основањето на Република Австрија, којашто како држава имала, и има и денес, важна улога во политичките регионални процеси.

Важно е охрабрувањето што го слушнавме денес од Вас како прв човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека вашата држава поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ.

Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули годинава, за што исто така честитам. И искрено верувам дека за време на австриското претседателство, земјите членки на ЕУ ќе ја усвојат препораката на ЕК за започнување на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ.

Очекуваме позитивна вест за Македонија и одлука со датум за отворање на пристапните преговори од Советот на министри, по силната реформска ориентираност и добрососедските политики на коишто се посветивме и за што добивме силни охрабрувања и од првите луѓе на Европската унија.

Очекуваме и Македонија да биде следната 30-та земја членка на НАТО, за што нѐ охрабри генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.

Македонија е добра вест за Балканот и јас испраќам оттука и уште една важна порака.

На Македонија и на регионот им се потребни евро-атлантските интеграции, поради политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава и за Западен Балкан.

Воедно, евро-атлантските перспективи им се потребни и на Европа и на демократскиот свет, бидејќи тие значат стоп за домашните и странски дестабилизирачки влијанија што евидентно постојат.

Сакам да потенцирам и дека Република Австрија е значаен инвеститор во Република Македонија, бележиме зголемување на трговската размена, но како што се согласивме со канцеларот Курц, има простор и драго ми е за определбата да ја продлабочиме економската соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.
Почитувани пријатели од Република Австрија, ги поздравуваме најавите дека фокусот на австриското претседателство, како и на бугарското досега, останува на евро-атлантските перспективи на Западен Балкан – рече Заев.

На новинарски прашања околу ставот на Франција за добивањето датум за почеток на преговори со Македонија, премиерот одговори дека ја разбира внатрешната дебата во Франција околу проширувањето, но дека Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, туку да продолжи мотивацијата од ЕУ и европското однесување.

– Верувам дека претседателот Макрон ќе донесе одлука за продолжување на мотивацијата – рече премиерот Заев.

Австрискиот канцелар Курц рече дека верува дека претседателот Макрон ќе донесе проевропска одлука и дека се надева на позитивна одлука од Франција, за да не дојде до застој на регионот.

На прашањето за противењето на претседателот Иванов на договорот со Грција и проценките за исходот од референдумот ако Македонија не добие датум, премиерот Заев изрази оптимизам дека референдумот ќе успее, а одлуката на граѓаните ќе мора да ја почитуваат сите.

– Ако ЕУ не даде датум ние нема да се откажеме од европските вредности, но ова прашање е причина зошто Франција и ЕУ треба да се однесуваат мотивирачки кон мојата земја – рече Заев на заедничката прес конференција со канцеларот Курц во Виена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...