Демократската партија – почеток на едно ново време

Луѓето најверојатно за прв пат ја препознаа интенцијата на една партија да се работи во интерес на народот, да се почитуваат вистинските вредности, да се биде различен од дотогаш востановеното политичко клише на владеење.

1236

Пред точно 25 години, група ентузијасти, политички формирани, реализирани во своите области на професионално делување, водени од идејата и идеологијата на демократскиот принцип на владеење и либерализација на капиталот, ја формираа Демократската партија, на основачкото собрание одржано на 27.06.1993 година.

Реализацијата на идејата за нова политичка опција беше логична последица од текот на развој на политичката свест во Република Македонија, на потребата да се делува од позиција на центар, да се биде политички коректив на веќе востановените опции, со предзнак на национална партија, односно ВМРО-ДПМНЕ и социјалистичка партија СДСМ, како и амортизација на веќе започнатиот процес на поларизација.

Сериозен политички фактор

Создавањето на новата опција, меѓу другото ја потврди оправданоста и преку масовното пристапуавање на голем број млади луѓе, полни со ентузијазам, коишто можеа да се идентификуваат со идејата, која несомнено одговараше на нивниот прогресивен дух и потреба да се прифати светот како глобално место за живеење, да се отвори патот за новите светски вредности и истовремено да се работи на зајакнување на сопствените вредности.

Во еден краток временски период, Демократската партијата се наметна како сериозен политички конкурент на македонската политичка сцена, освојувајќи 108.872 гласа на изборите во 1994 година, на првите парламентарни избори од нејзиното формирање, и на тој начин се потврди како сериозен политички фактор во државата. На истите избори партијата СДСМ освои 291.695, а ВМРО ДПМНЕ 141.494 гласови. Со оглед дека веќе стануваше збор за сериозна трета опција во нашиот плуралистички систем, најверојатно како реакција од помоќните политички субјекти, започна и процесот за нејзино ослабуваање и елиминирање од македонската политичка сцена.

Во 1997 партијата се соедини со Либералната партија на Стојан Андов, од што произлезе Либерал-демократската Партија. Целиот тој контекст исполнет со првичните успеси на Демократската партија, несомнено имаше влијание и врз зајакнувавање на нејзината преговарачката улога и нејзино етаблирање на политчката сцена во државата.

Време за обнова на идејата?

Уште една потврда за успешноста на партијата и истовремено за оправданоста на потребата од трета опција  беше одзивот на граѓаните, при формирањето на партиската инфраструктура, односно при формирањето на разграноците на партијата низ целата држава. Во еден исклучително краток временски интервал, се направија основачки собранија на територијата на целата држава и истите беа масовно поддржани од македонските граѓани, коишто преку партијата ја гледаа можноста за економски исчекор на државата. Тие најверојатно за прв пат ја препознаа интенцијата на партијата да се работи во интерес на народот, да се почитуваат вистинските вредности, да се биде различен од дотогаш востановеното политичко клише на владеење.

Во еден момент, Демократската партија навистина имаше потенцијал да ја промени таа перцепција и да го промени востановениот концепт на владеење. Континуитетот на политичките успеси беше запазен и на локалните избори, со последователно освојување на два градоначалнички мандати во град Скопје од 1996 до 2005 година.

Она што потоа се случуваше на полтичката сцена и улогата на Либерал-демократската партија во тој политчки контекст ќе остане како предмет за некоја следен осврт, во кој треба да се анализираат причините и последиците од политичките текови низ кој се движеше партијата.

Моменталните условите под кои функционира или не функционира државата, можат да бидат основа и провокација да се размислува за обнова на оваа идеја или идеологија и покрај фактот што идеологијата како збир на идеи кои би требало да водат кон прогрес, полека но сигурно станува категорија во изумирање. После еден подолг период на празнина, состојба на стерилност во сите сегменти на нашето живеење, особено  политичкото,  можеби е време да се обноват вредностите, кои ќе бидат не само  баланс туку и коректив, но и потенцијална сила за справување со досегашните клишеа на владеење, кои освен деструкција не рефлектираат никаков друг потенцијал.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...