По денешната изјава на собранискиот спикер Талат Џафери, дека деновиве се надева на решение за Законот за јазиците и дека нема да се отвора дебата за 35.000 предложени амандмани од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците, опозициската партија соопшти дека Собранието треба да го почитува Деловникот и Законот за Собрание и да ги разгледа предложените амандмани.
– На работните групи во Собранието во кои учествува ВМРО-ДПМНЕ не се разговара за Законот за двојазичност. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за двојазичност е непроменет. Ние сметаме дека Законот за двојазичност излегува надвор од Уставот, истиот е неприменлив и не само што не придонесува за поголема кохезивност во македонското општество, туку носи и ризици кои можат да предизвикаат далекусежни последици – велт од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека нивните позиции се јасни – не смее да се повтори грешката и на мала врата, без соодветна дебата, со незаконско исцртување на европско знаменце, вакви чувствителни решенија да се носат во скратена процедура.
„ВМРО-ДПМНЕ повикува законот да се повлече и да се стави на поширока дебата во која би партиципирале и експерти. Овие конструктивните барања за жал не наидоа на соодветен прием и заради тоа нашата пратеничката група предложи амандмани за да се корегира спорната содржина. Очекуваме Собранието да го почитува деловникот и Законот за собрание и да ги разгледа предложените амандмани“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.