Недоразбирањата се веќе минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат откако министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вчера ги посети Неготино и Тимјаник и заедно со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков се сретна со локалните жители.
– Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање. Драго ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа – изјави министерката Царовска.
Во меѓувреме забрзано се работи на деинституционализацијата. Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е во комуникација со другите општини коишто изразија подготвеност за отворање на мали групни домови.
МТСП во соработка со УНИЦЕФ ја промовира и кампањата „На секое дете му треба семејство“ која што има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата досега постигна одличен успех, зашто повеќе од 100 лица изразиле желба да згрижат дете. Борбата за похумано општество и заштита на децата ќе биде и понатаму главен фокус на МТСП.