Две судења во Кривичен за софтверот и тендерите на ЕЛЕМ

142

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат рочишта за предметите на СЈО, „Тарифа“ и „Труст“.

На обвинителна клупа во „Тарифа“ треба да седнат поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште две други лица.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за случајот на СЈО „Труст“ во кој се обвинети бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...