Наместо за намените утврдени со Законот за здравствена заштита, во периодот до 2013 до 2015 година, околу милијарда денари добиени од акцизи Министерството за здравство ги потрошило за плати и оперативни трошоци, како и за потребите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за акредитација и Агенцијата за лекови. Дел од средствата биле употребени и за реконструкција на Јавните здравствени установи и набавка на медицинска опрема, реагираат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Од здружението им препорачуваат на надлежните да се почитуваат обврските од Законот за здравствена заштита, Министерството и Владата да ја променат практиката на често менување на буџетот на Програмата за ретки болести во текот на фискалната година, а парите за програмата да се потрошат во целост. Исто така, од ЕСЕ бараат надлежните да се осигураат дека во регистерот на ретки болести се евидентирани сите лица кои живеат со ретка болест во земјава и за секоја дијагноза да се обезбеди навремена, квалитетна и целосна терапија.
„Од 2013 до 2015 година се бележи пораст на средствата кои царинската управа ги уплаќала на сметката на буџетот за самофинансирачки активности на Министерството за здравство во просек за 152 проценти на годишно ниво, од нив 47,2 проценти не биле потрошени за целите кои се наменети. Во периодот од 2013 до 2015 година, повеќе од една третина од средствата прибрани од акцизите (40,30 отсто) се потрошени за една програма (Програмата за партиципација за осигурени лица). Средствата од акцизи за Програма за лекување на ретки болести, исто така, секоја година се зголемуваат (во 2013 година не се издвоени средства, во 2014 година се издвоени 5,2 милиони денари, а во 2015 година 75 милиони денари), но и покрај нивното зголемување истите не се трошат во целост, секоја година пропаѓаат и се користат за други намени“, потсетуваат од ЕСЕ во нивното соопштение.
Резултатите од мониторингот и анализата на Програмата за ретки болести која во 2015 година ја спровел тимот на ЕСЕ покажаа дека од 100 проценти износ на акциза која се плаќа по парче цигара само три проценти одат за фондот за ретки болести.
„Над 26 милиони денари прибрани со наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари, се трошат за едукација на медицинскиот персонал, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита. Владата и Министерството за здравство немаат јасни критериуми за распределба на средствата од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари по однос на секој од приоритетите утврдени со Законот за здравствена заштита“, пишува во соопштението на ЕСЕ.