Барам чист референдум, без трикови!

Ни треба кристално чист плебисцит, со цензус и со јасен глас "за" договорот со Грција. Само така референдумот ќе биде легитимен и чесен.

6923

Не се согласувам со тезата дека единствен начин за да се обезбеди фер натпревар, во кој и двете страни ќе треба да ги стимулираат гласачите да излезат на гласање, a не да повикуваат на бојкот, е да се исклучи цензусот како услов за претстојниот референдум за договорот со Грција.

Да, цензусот за излезност на референдумот е висок (50 отсто, односно околу 900.000 избирачи), дури и превисок. Но, се одлучува за многу важно прашање, за меѓународен договор кој суштински го менува ликот на земјата, за договор за кои некои милуваат да кажат дека е “конститутивен акт”. За толку важно прашање сепак не може да се одлучува без цензус, односно на начин што ќе овозможи една мала група мотивирани избирачи да донесат важна, историска одлука за целата нација и за идните поколенија.

Гласањето на референдум не е исто што и гласањето на избори. Имено, на избори избираме одлучувачи, луѓе чии одлуки мора да се во рамките на Уставот и на законите. На референдум одлучуваме ние самите. Директно и без ограничувања. На референдумот во 1991 годин одлучивме да создадеме независна држава. На овој референдум треба да донесеме одлука што ќе ги обврзе пратениците значајно да го изменат Уставот. А тоа не е мала работа.

Оттаму, мислам дека ни е потребен кристално чист референдум. Плебисцит со цензус. Гласање без трикови. Еден од тие трикови е идејата референдумското прашање да се постави негативно, односно од избирачите да се бара да се изјаснат дали се за тоа да се задржи состојбата пред договорот со Грција (па тие што ќе гласаат “не”, всушност, да глсаат “за” договорот).

Не така, другари. Не со тие куршуми…

Јас разбирам дека постои опасност опозицијата да го бојкотира изјаснувањето. Тоа е голем ризик. Но, тој што е убеден во исправноста на својата одлука да го склучи и да го поддржи тој договор (јас го поддржав), мора храбро да го прифати предизвикот. Нам ни треба легитимен и силен референдум, на кој мнозинството избирачи јасно и прецизно, со гласот “за”, ќе ги одобрат и договорот со Грција и промените што тој ќе ги предизвика.

Народот не смее да се лаже. Само така ќе бидеме сигурни дека граѓаните го поддржуваат договорот со Грција и само така одлуката на референдумот – задолжителен или консултативен, сеедно – ќе биде вистински обврзувачка за сите, а најмногу за народните избраници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...