Ако постои расположение од страна на сегашната влада во Скопје, треба да го искористиме тоа, рекол поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу во разговор со грчките новинари што ги следат парламентарните расправи, објави онлајн изданието на весник „То Вима“. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, тој потенцирал дека решението секако ќе го содржи и терминот Македонија.
– Го разбирам ставот на народот кој реагира и кој учествуваше во протестите, но сметам дека не може да постои решение за името на ПЈРМ без да биде вклучен терминот Македонија. Треба реално да ја поставиме дилемата пред нас. Едно е идеалното, но друго е што е можно – рекол поранешниот грчки премиер.
Според него, треба да се видат кои се реалните опции, а тие, како што посочува се две.
– Или ќе остане привременото име ПЈРМ кое полека, полека, ќе се изгуби и ќе остане само Македонија или ќе треба да избереме едно сложено име што ќе ги гарантира сите наши суверени права, прашањето со Големата идеја, симболите и др. Во спротивно ќе бидеме континуирано под притисок и одговорни што не помагаме во НАТО и Европската унија, односно дека сме дел од проблемот – им рекол Папандреу на грчките новинари, јави дописникот на МИА од Атина.
Поранешниот грчки премиер пред грчките новинари се навратил и на периодот кога беше министер за надворешни работи (1999 – 2004) и вели дека двете страни биле многу блиску до договор за името „Горна Македонија“, но како што наведува, не бил постигнат поради внатрешни политички превирања кај северниот сосед и реакциите на Албанците.
Папандереу ја споменува и 2008 кога, како што вели, заедно со тогашниот премиер Костас Караманлис и останатите лидери на политичките партии ја формирале националната линија за сложено име, која била поддржана од Парламентот.
Запрашан за актуелниот шеф на грчката дипломатија, кој своевремено му беше и соработник на Јоргос Папандреу, поранешниот премиер, според рекол дека „Никос (Коѕијас) има добар ум, не велам не, но јас не го поставив министер за надворешни работи“.